Изборна реформа: Погрешната дебата за дијаспората
Расправата за Изборниот законик повторно заглави на дијаспората – но вистинската реформа бара една изборна единица и отворени листи.
Во Северна Македонија ретко има политичка тема што успева толку брзо да ја зароби јавноста и да ги хистеризира партиите како Изборниот законик. Речиси и да нема изборен циклус без да се прави обид за конечна реформа на законот, без драматични преговори, меѓусебни обвинувања, за на крајот без исклучок, да влеземе во политички ќор-сокак, а изборните правила да останат „по старо“. Така изгледа и оваа итерација на таа драмолетка: партиите повторно се закопаа во ровови, секоја со полна уста аргументи дека брани принципи, а всушност сите бранејќи гол партиски интерес.
Препорачано
Парадоксално, или можеби не, токму тука лежи најголемиот проблем – не само што повторно нема договор, туку повторно, според мене, јавниот дискурс е фокусиран на погрешната тема. Имено, деновиве речиси целата јавна дебата е сведена на прашањето како да гласа дијаспората, и тоа се претставува како суштинска дилема, како каменот околу кој зависи демократскиот капацитет на државата.
Всушност, тоа е реално периферно прашање. Вистинската реформа на изборниот систем нема врска со тоа дали некој ќе гласа во конзулат, по пошта или електронски. Напротив, таа треба да се темели на две многу поважни прашања: дали С Македонија конечно ќе стане една изборна единица и дали конечно ќе воведеме отворени листи. Одговорот на двете прашања, според мене, треба недвосмислено да биде да.
Реформите што навистина имаат значење
Прво, една изборна единица би ја егализирала вредноста на секој глас, за разлика од сегашната состојба, каде, поради распределбата во шест изборни единици, не е секогаш исто дали сте гласале во Скопје, Битола, Куманово или Тетово. Мали разлики во излезноста и бројот на гласови можат да произведат различна тежина на гласот, што се коси со принципот на еднаквост на избирачкото право. Можеби уште поважно, една изборна единица ќе создаде поприродна конкуренција: помалите партии ќе добијат реална можност да бидат претставени, без нивните гласови да се губат во изборните единици каде не можат да го поминат ефективниот праг. Во таа смисла, плурализмот нема да биде милостина што ја даваат големите партии, преку коалиции, туку последица на фер правила и реална изборна поддршка, особено за помалите партии. Тоа, пак, од друга страна, ќе ги принуди и најголемите партии да водат поинаква кампања: наместо да ја калкулираат енергијата во неколку клучни изборни региони, ќе мора да се борат за секој глас во секој дел од државата. Ќе исчезне логиката според која одредени региони однапред се сметаат за „сигурни“, а други за „изгубени“. На долг рок, тоа може само да ја подобри политичката конкуренција.
Второ, отворените листи, би вовеле нешто што одамна недостасува во македонската политика – лична одговорност. На пример, денес граѓаните практично гласаат за листи што ги составуваат партиските лидери, па така, пратениците, сосема логично, чувствуваат поголема обврска кон оној кој ги ставил на листата, отколку кон избирачите кои формално ги претставуваат. Со отворени листи, граѓаните конечно би можеле да одлучуваат не само која партија, туку и кои луѓе ќе седат во Собранието, што не е занемарлива разлика. Тоа, конечно, секако не е гаранција дека ќе добиеме подобри политичари, но е сигурен начин да добиеме поодговорни пратеници, зашто кога политичарите знаат дека следниот мандат зависи и од личниот углед, а не само од одлуката на партискиот лидер, тогаш се менува и нивната мотивација, но и нивните приоритети. Лојалноста кон партијата останува важна, но повеќе не е единствениот критериум за политички опстанок.
Дијаспората – легитимно прашање, но погрешно поставено
Тоа се, според мене, реформите што заслужуваат сериозна политичка енергија, а ние, наместо тоа, повторно се вртиме околу дијаспората. Но, дури и да е тоа важно (прифаќам дека за некои партии, особено оние кои очекуваат подобар резултат таму, тоа е суштинско прашање), сметам дека и тука јавната расправа почнува од погрешна претпоставка. Имено, ние во моментов не водиме дебата околу тоа дали дијаспората треба да има право на глас, зашто тоа прашање е веќе решено: Уставот им го гарантира избирачкото право на сите државјани што фигурираат на Избирачкиот список, без оглед на тоа каде живеат. Сè додека тоа уставно решение постои, расправата не е дали тие ќе гласаат, туку како ќе гласаат, а тоа, според мене, е суштинската нијанса што често намерно се заматува од партиите.
Да беше ова дебата за самото право на глас, мојот став веројатно ќе беше поинаков: ние би можеле легитимно да спориме дали луѓе, кои со години, па и децении, не живеат во Македонија, не ги користат јавните услуги, не плаќаат даноци тука и не ги чувствуваат секојдневните последици од политичките одлуки, треба да имаат исто влијание врз изборот на власта како оние кои живеат со тие одлуки и последици секој ден. Тоа, на пример, е легитимна политичка и уставна дилема: имено, ако некој не ги користи здравството, образованието, локалната самоуправа, инфраструктурата и јавните услуги што ги финансираат граѓаните што живеат овде, сосема е оправдано да се постави прашањето дали треба да има исто влијание врз изборот на институциите што управуваат со тие системи. Многу демократии имаат различни решенија за оваа дилема, токму зашто не постои единствен демократски одговор на ова прашање.
Од тој аспект, тешко е да се најде аргумент против олеснување на гласањето, зашто правото веќе постои, а единственото прашање е колку лесно ќе се остварува. Оттаму, ако сакаме поголема демократска легитимност, тогаш логично треба да сакаме и поголема излезност, а тоа следствено треба да важи и за граѓаните што живеат во С Македонија, и за оние што живеат надвор од неа. Демократијата не станува посилна со помала излезност, напротив, колку повеќе граѓани гласаат, толку поголем е легитимитетот на институциите што произлегуваат од тие избори. Затоа, поштенското гласање, електронското гласање или други современи модели, никако не се закана за демократијата – токму обратното, тие одамна функционираат во многу поразвиени држави и претставуваат начин повеќе граѓани да го остварат своето право. Во таа смисла, технологијата треба да биде добредојдена секаде, како средство што го олеснува учеството, а не како пречка што го ограничува.
Но, и тука лежи клучниот аргумент: полесниот пристап не смее да значи и пониски стандарди. Ако сметаме (или ако законодавецот смета) дека за гласачите во С Македонија се неопходни силни механизми за идентификација и спречување злоупотреби – како биометриска проверка, отпечаток од прст или други безбедносни процедури – тогаш истите стандарди треба да важат и за гласачите надвор од државата. Тоа е суштинско прашање на доверба во изборниот процес – еднаквите права мора да подразбираат и еднакви проверки. Најдобриот начин да се заштити легитимитетот на секој резултат, е сите гласачи, без разлика каде живеат, да подлежат на исти или споредливи механизми за проверка на идентитетот. Зашто, ако правата се веќе еднакви, тогаш еднакви треба да бидат и гаранциите дека тие права се остваруваат без злоупотреби. Со други зборови, не може едни гласачи да поминуваат низ строги процедури, а други да гласаат според значително полиберални правила, а нивните гласови да тежат исто.
Конечно, ако веќе сакаме сериозна расправа за Изборниот законик, тогаш треба да ја водиме на оние теми каде што навистина може да го подобриме легитимитетот и ефикасноста на политичкиот систем: една изборна единица и отворени листи. Дополнително, ако има политичка волја, не е спорно да се дебатира и за тоа дали сегашниот модел на гласање на дијаспората е најдоброто уставно решение. Но, да не ја сведуваме целата расправија на техничкото прашање околу тоа колку лесно некој ќе стигне до гласачкото ливче. Тоа сепак, не е изборна реформа, туку административен детаљ. Да не се чудиме после зошто политичкиот систем останува ист, без оглед на драмолетката во повеќе чинови.
(Авторот е политички аналитичар и публицист)
Дојче веле
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


