Кралот, парите и ние
Висината на данокот платена од кралот го вбројува него во стоте најбогати „данокоплаќачи“ во Обединетото Кралство. И додека бројките покажуваат дека кралот платил данок според највисоката даночна стапка, портфолиото за земјиште, инвестиции и имот му носи на кралот годишен приход што во 2025-2026 беше 25,2 милиони фунти.
Кралот Чарлс Трети реши годинава да плати данок. Колку мислел и како мислел, не е објавено, но за првпат во историјата на кралското семејство во оваа земја, а мислам и пошироко, некој крал решил да плати данок, па ете прв реши нашиот.
Препорачано
Кревајќи го капакот на дел од кралските финансии, се покажа дека кралот платил 12,9 милиони фунти данок за 2023/24 година, а каков татко таков син, и принцот Вилијам за истиот период ѝ вратил да државата 8,34 милиони фунти. Според кралската канцеларија, да се плати данок била доброволна одлука на нивните височества, затоа што не морале. Тие немаат законска обврска да плаќаат данок. Не мораат. Тие добиваат пари и од државата, односно од сите нас што плаќаме данок, а имаат и дополнителни извори на приход. Имаат имоти (пола земја е на кралот и на аристократијата), имаат бизниси (ги издаваат објектите), наплаќаат и за користење на земјиштето. Во оваа земја земјиштето врз кое е вашата куќа или зграда најчесто не е ваше, туку е на кралот, аристократските семејства и корпорациите што на овој или оној начин се стекнале со земјата под вашите нозе и ви наплаќаат за привилегијата да имате куќа или зграда… Ова е нешто што владата планираше да го промени, ама не најде време, плус менуваме тука премиери, седум за десет години, па не може сè да се постигне. Значи данок на добивка, данок на имот, данок на потрошувачка, данок на… Е, сега, да знаевме каков данок решил да плаќа кралот и на што, ќе ви кажевме. Ама и покрај тоа што кралското семејство реши да биде транспарентно, освен бројките, не видовме детали.
Приходи, приходи
Висината на данокот платена од кралот го вбројува него во стоте најбогати „данокоплаќачи“ во Обединетото Кралство. И додека бројките покажуваат дека кралот платил данок според највисоката даночна стапка, во портфолиото на Чарлс Трети стои дека има приходи од Војводството од Ланкастер, повеќевековен имот со обработливо и комерцијално земјиште воспоставено да му дава на кралот независен извор на приходи за официјални и приватни трошоци. Портфолиото за земјиште, инвестиции и имот му носи на кралот годишен приход што во 2025-2026 беше 25,2 милиони фунти. Други извори на приходи што се подложни на оданочување се неговите сопствени инвестиции и заштеди и парите што ги создаваат приватните имоти Балморал и Сандригам.
Расходи?
Но, зошто токму сега кралот реши да биде релативно транспарентен за неговите финансии? Тајмингот не е случаен. Кралското семејство се најде изложено на зголемен притисок од јавноста особено по скандалот околу братот на кралот, Андру Маунтбатен-Виндзор, порано познат како принцот Андру, за кого полицијата води истрага по наводите за врските со покојниот сексуален предатор Џефри Епстин. Кога поранешниот принц требаше да плати судска отштета на и таа сега покојна Вирџинија Џуфре, со која додека беше малолетна беше сликан со раката околу половината на имот на Епстин, а таа тврдеше дека имале секс, тој немал пари, па помогна мајка му. Да, точно така, покојната кралица Елизабета Трета (ауу, колку поранешни и покојници има во случајот…) му позајми на омилениот син два милиона фунти. Дали Андру ги врати, не дознавме, зошто тоа се, рекоа, приватни кралски финансии. Плус кралицата во меѓувреме почина, па не мораше да враќа…
Кралот одеднаш станал дарежлив? „Се има, се може“, што би рекле оние што имаат и им се може. Па се има, затоа што монархијата традиционално добива пари и од нас, даночните обврзници, преку кралскиот грант. Што мислевте, кој плаќа за разните пречеци, испраќања, ручеци, вечери, забави, одликувања, униформи, облеки, послуги и услуги? Мислите ли дека ставањето паста врз четкичката за заби на кралот е беспари? Грантот што во следните три години речиси двојно ќе се зголеми на околу 100 милиони фунти, ќе се погрижи за сите трошоци. Можеби нешто и ќе остане, да се најде за „недајбоже“. Макар што за сегашниот монарх се вели дека тешко ја завлекува раката во сопствениот џеб. Главно ја држи во џебот од палтото.
(Авторката е новинарка)
Писма од Лондон
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


