Tухел се брани: „По секој натпревар има милион тренери кои мислат дека знаат подобро“
Репрезентацијата на Англија остана без пласман во финалето на Светското првенство, иако беше на чекор до голем успех. Англичаните водеа со голот на Ентони Гордон од 55. минута, но Аргентина направи пресврт во самиот финиш со погодоците на Енцо Фернандез во 86. и Лаутаро Мартинез во втората минута од судиското продолжение.
Препорачано
По натпреварот, селекторот на Англија, Томас Тухел, не го криеше разочарувањето од начинот на кој неговата репрезентација го испушти финалето.
„Разочарани сме. Бевме многу блиску, но откако постигнавме гол, станавме премногу пасивни и му дозволивме на противникот да создаде голем број шанси. Не успеавме да воспоставиме контрола врз поседот на топката, а потоа дозволивме премногу центаршутеви, шанси и удари. Бевме блиску, но по постигнатиот гол не успеавме да го задржиме истото ниво на игра“, изјави Тухел.
Тој се осврна и на своите измени во текот на натпреварот.
„И на претходните натпревари внесував офанзивни играчи. Само се обидувавме да му помогнеме на тимот. Веднаш дозволивме шанса и решивме да преминеме на формација со петмина во одбраната бидејќи се отвораа преголеми празнини. Ги добиваа речиси сите воздушни дуели и постојано уфрлаа топки во нашиот шеснаесетник, па преминавме на петмина во последната линија за да го затвориме просторот во средината и да бидеме посилни во играта со глава. Уште веднаш по нашиот гол, пред какви било измени, дозволивме премногу центаршутеви и шанси, па се обидовме да му помогнеме на тимот. Секако, одговорноста е кај тренерот и кога работите нема да завршат добро, лесно е да се каже дека одлуката била погрешна.“
На прашањето дали размислувал да нападне за втор гол, Тухел одговори:
„Да, но тоа не помага ако не можете да дојдете до топката. Не успевавме да излеземе од сопствената половина. Секако дека сакавме да постигнеме втор гол, но немав чувство дека офанзивните измени ќе ни помогнат. Останавме во формација 4-4-2, но станувавме сè попасивни. Не успевавме да освоиме ниту една топка, ниту да ја задржиме во посед, така што не мислам дека проблемот беше во системот. Ништо не променивме, но натпреварот целосно се промени. Немам проблем со тоа, разбирам дека ќе има дебати. По секој натпревар има милиони тренери кои мислат дека знаат подобро.“
ВИДЕО | Белингам ги загуби нервите, удри аргентински репрезентативец кој ја славеше победата


