Владата дрско ги крие трошоците за прославата на годишнината од независноста, вели Герман Филков
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој го следи трошењето на јавните пари, во интервју за „Призма“ вели дека однесувањето на Владата во врска со прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија е „крајно непримерно, па дури и дрско“.
Препорачано
„Прво и основно, граѓаните мора да знаат колку пари Владата планира да потроши за оваа намена. Второ, кога веќе најмила фирма, најавува гости, организира настани за промоција, тоа значи дека мора да има некоја законска основа за сето тоа. Дали е тоа програма, концепт, план, стратегија и сл., некој треба таквиот документ да го донесе за да може потоа да се трошат пари врз таа основа. Следно, сето ова мора да има пресметка, план, колку ќе чини. Или како што законски се нарекува, да има проценета вредност и познат и планиран извор на средствата што ќе се потрошат. Односно, да се знае од каде ќе се земат — од чиј буџет и од која конкретна ставка“, вели Филков.
Тој додава дека кога општините организираат слични вакви настани од помал обем, тие користат неколку законски можности за да не ги објават поединечните суми што ги исплаќаат на изведувачите, туку само вкупниот трошок за цела манифестација. Тоа го прават така што избираат фирма која ќе ја спроведе манифестацијата или претходно донесената програма, а други делегираат надлежност на фирми за организирање на вакви настани.
„Како и да е, сумата на вкупниот трошок мора да се знае и тоа не може да биде предмет на проценка кога и дали ќе се објави бидејќи станува збор за јавни пари. Исто така треба да се знаат и имињата и износите кои евентуално би ги покриле приватни фирми, за да може да се следат нивните идни договорни односи со државата“, вели Филков.
ВИДЕО | Владата ќе носи извикан светски диџеј за 35-годишнината од независноста


