Потрупување на ископ за зграда - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Потрупување на ископ за зграда - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Зградите околу свлечиштето во Капиштец се безбедни, oпштините не треба да дозволуваат градење без основен проект за јама

Поради овие свлечишта, како што вели деканот Јосиф Јосифовски, треба сериозно да се преземат мерки со кои ќе се свестат и ќе се „затегнат“ инвеститорите и изведувачите на градежните објекти од овој тип и додаде дека Факултетот се нуди да помогне преку изготвување правилник за градење, кој ќе биде спроведен од локалните самоуправи.

Поминаа речиси две недели откако на градилиште во Капиштец, поточно на улицата „Христо Смирненски“, имаше опасно свлекување на земјиштето поради кое се оштети дел од тротоарот, водоводната и канализациската мрежа, но според извештајот од експертите од Градежниот факултет, нема опасност за оштетување или уривање на околните објекти, која беше најопасната можна последица од овој немил настан.

Потрупување на ископ за зграда - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Потрупување на ископ за зграда – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Нема опасност за зградите, избегната е голема катастрофа

Јамата неделава се затрупува, а според деканот на факултетот, професорот Јосиф Јосифовски, фактот што околните згради се надвор од опасност е големо олеснување и можеби единствениот позитивен момент од оваа лоша ситуација, бидејќи секое оштетување на околните објекти би значело голема катастрофа.

– Според мене, најголемата катастрофа е избегната бидејќи околните објекти се безбедни од евентуална деформација на земјиштето. Околу јамата има повеќе згради, не сакам ни да помислам што ќе се случеше ако само еден од овие објекти беше зафатен од свлекувањето на земјиштето. Да, оштетен е дел од тротоарот, долу се оштетени кабли за струја, водовни и канализациски цевки, но, за среќа, нема опасност за околните објекти. Ако се урнеше или се оштетеше некој околен објект, тоа ќе беше огромна штета. Единствено заради тоа имам некое, ако можам да кажам, позитивно чувство од оваа ситуација – објаснува деканот за „Слободен печат“.

ВИДЕО | Жители алармираат дека на градилиште во Центар се работи на празник, велат дека имало и свлекување на земјиштето

Тој посочи дека по настанот, на кризниот состанок во Општина Центар, Градежниот факултет дал насока што побрзо да се затрупа јамата за да се истражи дали постои опасност за околните згради, а тој, повикувајќи се на извештајот за градилиштето, вели дека иако директна одговорност имаат изведувачот и инвеститорот, работата можела да се спречи и со реакција на општината и на градежните инспектори.

– Ние не дадовме конкретен рок, но им дадовме насоки јамата да биде затрупана во најбрз можен рок. Таа во саботата беше речиси затрупана. Во ситуацијата во Капиштец има повеќе страни што се одговорни, секој можел нешто да направи и да преземе, од Општината, инспекторите и фирмата што го вршела надзорот, не се виновни само инвеститорот и изведувачот, иако според извештајот изведувачот ја има директната одговорност бидејќи не работел по зададените правила и прописи – вели Јосифовски.

Потрупување на ископ за зграда - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Потрупување на ископ за зграда – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Сите имаат одговорност, потребни се промени

Деканот соопшти дека според извештајот од направениот увид, конструкцијата на јамата била катастрофална, немало основен проект за јама туку само техничко решение, а лош бил и квалитетот на изведбата.

– Прашање е дали на локацијата воопшто се појавил градежен инспектор, на кризниот состанок во Општината ни беа покажани писма и констатации од градежни инспектори, но тие требало да ги забележат сите овие нерегуларности – додава деканот.

ВИДЕО | Се пополнува јамата во Капиштец, градилиштето било без надзор и со низа пропусти

Јосифовски смета дека иако Законот за градба предвидува само основен проект за изградбата на објектот, се подразбира, но и според неодамнешните случувања, Општината треба да е задолжена да бара и основен проект за ископување јама.

– Треба да се најде начин за да се свестат и инвеститорите и изведувачите. Законот за градба бара основен проект за објектот што е предвиден да се гради, но не бара подготвителниот терен да има основен проект. Изведувачите и инвеститорите ја избегнуваат таа заштита за да заштедат, но и тие не се инженери за да ја поседуваат таа стручност, а Општината е задолжена да побара основен проект за јама, а не само за објектот – објаснува тој.

Во еден месец на две локации во Скопје се случија свлекувања на земја при ископ на јама за градилиште, што според Јосифовски е недозволиво и опасно, земајќи предвид дека во Кисела Вода поради свлекување на земјата беше затрупан и еден работник, кој за жал го загуби животот.

Факултетот се нуди да им помогне на општините

Поради овие немили настани, како што вели деканот, треба сериозно да се преземат мерки и евентуални измени во Законот за градба со кои ќе се свестат и ќесе „затегнат“ инвеститорите и изведувачите на градежните објекти од овој тип и додаде дека Факултетот се нуди да помогне преку изготвување на правилник за градење кој ќе биде имплементиран од локалните самоуправи.

– Ние мораме и сме желни да направиме правилници што можат потоа да преминат во подзаконски правни акти во Законот за градба. Факултетот има интерес бидејќи овие случки се лоша слика за градежниците и за Градежниот факултет, но исто така не мора да се напомене дека се опасни за граѓаните. Ние во еден месец имавме две сериозни свлечишта на градилишта, едно за жал одзеде и човечки живот, имаме огромно свлечиште во Кисела Вода, односно во Теферич. Ние ѝ се понудивме на Општина Центар да го направиме овој правилник про боно, не сакаме ништо за возврат, туку сакаме да направиме еден правилник што сега ќе го имплементира Центар, а потоа да биде земен како пример и да се користи од другите општини – апелира деканот.

Тој истакна дека од Општината го информирале дека се изречени строги казни и додаде дека по затрупувањето на земјата, нема да постои никаква опасност за околните објекти, така што тој потенцираше дека тука завршуваат сите обврски на Факултетот, и сега, како што вели, топката е во дворот на Општина Центар, но и оваа ситуација според него е знак за централните и за локалните власти да преземат конкретни чекори со кои би се спречиле повторни немили настани од овој тип.

– Откако направивме увид и извештај од локацијата, тука застануваат нашите надлежности, односно ние целосно и брзо го испорачавме тоа што се бараше од нас како Градежен факултет и сега конкретно во случајов, топката е во дворот на Општина Центар, а генерално ова е знак за централните и за локалните власти дека нешто треба да се промени – истакна Јосифовски.

Од Општина Центар цела недела не одговараат на прашањата од „Слободен печат“ колкави казни им се изречени на инвеститорот и на изведувачот, каква дозвола за градба има добиено инвеститорот, дали претходно на оваа локација биле испраќани градежни инспектори и дали ќе се дозволи понатамошно градење зграда на оваа локација, или пак ќе биде одземена градежната дозвола.

Опасно се шири свлечиштето кај Теферич, експертите ѝ наложиле на Општината итно да реагира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот