ВИДЕО | Жители алармираат дека на градилиште во Центар се работи на празник, велат дека имало и свлекување на земјиштето
Жители на улицата „Христо Смирненски“ во Центар до редакцијата на „Слободен печат“ испратија фотографии и видеа од градилиште каде, како што велат, денеска имало свлечиште за време на градежни активности.
Препорачано

Тие информираа дека багерист работел на градилиштето, иако денеска е неработен ден, и предизвикувал бучава, а околу 13:30 часот жителите почувствувале тресење кое, како што велат, било предизвикано од свлекување на земјиштето каде што се гради.
-Ново свлечиште на градилиште, на улицата „Христо Смирненски“ во Центар, која излегува на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Се чувствуваше како да има огромен земјотрес, а багерот работеше иако е неработен ден. Жителите се вознемирени. Околу 13:20 часот се случи свлекувањето, а потоа дојдоа некои луѓе кои демантираа дека денеска се работело на градилиштето, иако цело маало го виде работникот како излегуваше од дупката. Дури и се влечеше за каблите од бандерата- вели жителка за „Слободен печат“
На видеото можете да видите како багерот е внатре во градилиштето и активно работи за време на неработен ден, додава таа.
За проблематиката објавија и од иницијатива „Во одбрана на Буњаковец“, од каде посочуваат дека се случило колапс на земјиштето под асфалтот до новото градилиште што работело и на државен празник.
„Оштетена е целата инфраструктура – кабли за струја, телекомуникации… Дали се загрозени и коловозите и тротоарите на булеварот и улицата – проценете сами“, соопштија оттаму, а истовремено објавија и видео.


