Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Се пополнува јамата во Капиштец, градилиштето било без надзор и со низа пропусти

Откако била прегледана техничката документација за свлекувањето на земјиштето во Капиштец, била пронајдена директна одговорност кај изведувачите на терен кои работеле надвор од проектираните обврски и притоа биле оставени без стручен надзор.

Во Општина Центар во изминативе денови се вклучија алармите откако во понеделникот жители на улицата „Христо Смирненски“ беа сведоци на опасно свлекување на земјиште при копање јама за изградба на зграда.

Локалната самоуправа најави жестоки казни за инвеститорите, веднаш свика кризен штаб и побара помош од експертите од Градежниот факултет, кои оценија дека за да се намали ризикот од нов инцидент, дупката повторно ќе се затрупа и ќе се врати во првобитната форма, а потоа ќе се истражува дали има ризици за околните објекти и за коловозот.

ВИДЕО | Жители алармираат дека на градилиште во Центар се работи на празник, велат дека имало и свлекување на земјиштето

Јамата се затрупува, откриени многубројни нерегуларности

Како што информира деканот на Градежниот факултет, професорот Јосиф Јосифовски, Општина Центар до факултетот доставила писмо со барање за совет за санирање на актуелното свлечиште во центарот на Скопје, по што во општинските простории се одржал итен кризен состанок.

Деканот изјави дека на состанокот биле донесени интервентни одлуки за да се спречи проширување на проблемот кон соседните објекти, од кои најважно е, како што вели тој, градежната јама веднаш да се затрупа и да се врати во првобитната состојба, па дури потоа да се бараат решенија, со што се согласиле и градоначалникот и инвеститорот.

– На состанокот беше споменато и дека мора да има тврди прегради, да се заштити просторот, затоа што вака не ги задоволува критериумите на заштита и има опасност од некаков дополнителен немил настан – вели Јосифовски.

Деканот истакна дека во законската регулатива во Македонија не постои задолжение за изведба на проект за заштита на градежни јами и токму оттука настануваат сите проблеми со свлечиштата во изминатите неколку месеци и затоа тој побара итна реевалуација на сите постапки и прописи за градење.

По оваа одлука, вчера Јосифовски заедно со градоначалникот на Центар Горан Герасимовски беа на терен и информираа дека, како по договореното, започна да се пополнува јамата. Откако местото е вратено во првобитната состојба, експерти од Градежниот факултет ќе направат увид за да ја проценат опасноста врз околните објекти од локацијата каде имаше свлекување на земјиштето.

Градилиштата се „распашана команда“

Тој смета дека недоволно се посветува внимание на градежните работи, особено во густо изградените урбани средини како што е центарот на Скопје.

– На едно од претходните случувања имавме и човечки жртви, односно човечка загуба, што е нешто најстрашно што може да се случи. Сметам дека треба да се разбудиме, треба сите институции во својот домен да го направат она што е потребно – рече Јосифовски.

Како што претходно изјави деканот за „Слободен печат“, по свлекувањето на земјиштето во Теферич и на Водно, така и за овој случај и за сите други, Градежниот факултет и професионалната фела им стојат на располагање за да споделат согледувања и да дадат инструкции што ќе спречат повторни инциденти од овој тип.

Градежен факултет ќе прави увид на штетата од свлечиштето од Центар за да процени дали има опасност врз околните згради

Ваквите инциденти, според Јосифовски, се случуваат поради тоа што не се следат позитивните искуства и практики за заштита за градежни јами, а додаде и дека градежните инспектори се дефицитарни.

Јосифовски посочи дека Општина Центар во моментов нема соодветен инспектор што може да излезе на терен и да направи стручен увид.

Немало надзор и се работело вон прописите

Откако била прегледана техничката документација за свлекувањето на земјиштето во Капиштец, експертите лоцирале директна одговорност кај изведувачите на терен што работеле надвор од проектираните обврски и притоа биле оставени без стручен надзор.

– Со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека работите не се изведени и заштитата не е направена во согласност со постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен, инженер со овластување кој е задолжен тоа да го прави, кој имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите на терен како што се проектирани – додаде Јосифовски.

Опасно се шири свлечиштето кај Теферич, експертите ѝ наложиле на Општината итно да реагира

Градоначалникот Горан Герасимовски во телевизиско гостување им се заблагодари на деканот и на стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш излегле на терен и дале стручно мислење, експертска анализа и конкретни насоки за надминување на состојбата и спречување дополнителни ризици.

– Сакам јавно да упатам благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш ни излегоа во пресрет и излегоа на терен. Во вакви ситуации, експертското мислење е клучно за носење брзи и одговорни одлуки и токму затоа веднаш постапивме по нивните насоки – истакна Герасимовски.

Казни за инвеститорот кај „Гологанов“, со градилиштето се уништени коловоз, тротоар и канализација, велат од Центар

Тој информираше дека во согласност со препораките, Општина Центар донела решение за итно затрупување и обезбедување на градилиштето, со цел, како што вели, стабилизација на теренот, намалување на ризиците и заштита на околните објекти и граѓаните.

При инспекцискиот надзор, како што посочи Герасимовски, биле утврдени сериозни неправилности во изведбата на градежните активности, при што дел од работите не биле изведувани според одобрението за градење издадено од Општина Центар.

– Нашите инспектори веќе изрекоа повеќе санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат. Нема да дозволиме несовесно, неодговорно и небезбедно градење во Центар. Најстрого ќе бидат санкционирани сите што не постапуваат согласно законите и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните – нагласи Герасимовски.

Општината дели казни, инвеститорот ќе поправа сè што оштетил

Во однос на санкциите за инвеститорот, од Општината информираа дека веднаш по увидот на локацијата, биле изречени најстроги казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.

„Истовремено со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегоа на терен и веднаш презедоа мерки за обезбедување на локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, соопштуваат од Општината.

Како што објави ТВ Телма, инвеститори на објектот се компаниите „Про билдинг компани“ од Тетово и „Палма траде“ од Тетово, додека пак изведувач е компанијата „Конструксиони-инвест“ од Тетово, која лани ја завршила годината со минус од 127 илјади евра.

Надзор на проектот била компанијата „Хигх конструктион гроуп“ од Гостивар, во сопственост на Исмаил Беџети, која, според податоците на „Бизнис мрежа“ има блокирана сметка.

Сепак, од Општина Центар цела недела не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ колку точно изнесуваат казните за инвеститорот, дали претходно бил пријавуван и дали инспекцијата извршила надзор на ова градилиште, како и каква градежна дозвола поседувал инвеститорот, односно каков објект е предвиден за оваа локација.

На 25 мај околу 13:30 часот на улицата „Христо Смирненски“ во општина Центар, при градежни активности со багер, се свлече земјиштето кое, како што тогаш соопштија од МВР, ја затрупало машината, но возачот навреме успеал да излезе. Од инцидентот видно оштетени беа делови од тротоарот на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а дополнително паднала бандера која оштетила автомобил и била оштетена канализациската мрежа.

Освен казните и затрупувањето на јамата, инвеститорот е задолжен од Општината на свој трошок треба да ги санира направените штети на оваа локација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот