Градилиште во Центар / Фото: Приватна архива

Градежен факултет ќе прави увид на штетата од свлечиштето од Центар за да процени дали има опасност врз околните згради

Деканот на Градежен факултет Јосиф Јосифовски смета дека постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици и посочи дека се потребни нови прописи и стандарди.

Деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски по вчерашниот инцидент и свлекување на земјиштето на градилиште во Центар изјави дека има потреба од нови прописи и стандарди во градежништвото, а соопшти и дека во консултација со градоначалникот на општината Горан Герасимовски, експерти од Факултетот ќе излезат на терен и да направат увид и проценка за опасноста врз соседните објекти.

– Ние сме техничка професија која е регулирана, што значи дека постојат јасни правила и стандарди за тоа како треба да се однесуваме, како да градиме и како да проектираме. Меѓутоа, и покрај тоа, се случуваат случаи како неодамнешниот – повторно затрупување на градежна јама – што е краен сигнал дека мора да се преземат сериозни мерки – изјави Јосифовски.

ВИДЕО | Жители алармираат дека на градилиште во Центар се работи на празник, велат дека имало и свлекување на земјиштето

Деканот на Градежен факултет смета дека постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици и посочи дека се потребни нови прописи и стандарди.

– Според моето лично убедување, а и по консултацијата со градоначалникот утринава, неопходно е да се пропишат нови процедури и стандарди кои ќе обезбедат спречување на вакви појави во иднина. За среќа, овој пат немаме човечки жртви, но имаме материјална штета и опасност од проширување на проблемот, со можност за оштетување на соседните објекти – рече тој.

Јосифовски истакна дека по консултацијата со градоначалникот и инспекторот е договорено Градежниот факултет да излезе на терен и да направи проценка за опасноста врз соседните објекти.

– Она што беше договорено во разговорот со градоначалникот и инспекторот е дека во најбрзо време Градежниот факултет ќе излезе на терен за да направи проценка за опасноста врз соседните објекти и да предложи мерки и понатамошни чекори за интервенција, односно санација – дополни тој.

Вчера околу 13:30 часот на улицата „Христо Смирненски“ во општина Центар, при градежни активности со багер, се свлече земјиштето кое, како што соопштија од МВР, ја затрупало машината, но возачот навреме успеал да излезе. Од инцидентот видно оштетени беа делови од тротоарот на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а дополнително паднала бандера која оштетила автомобил и била оштетена канализациската мрежа.

Казни за инвеститорот кај „Гологанов“, со градилиштето се уништени коловоз, тротоар и канализација, велат од Центар

Од Општина Центар вчера соопштија дека инвеститорот ќе се соочи со најстроги казни и дека на негов трошок треба да ги санира направените штети на оваа локација, но до објавувањето на овој текст од локалната самоуправа не ни одговорија точно со колкави глоби ќе се соочи инвеститорот по овој сериозен инцидент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот