Казни за инвеститорот кај „Гологанов“, со градилиштето се уништени коловоз, тротоар и канализација, велат од Центар
Инспекциските служби на Општина Центар, заедно со МВР, веднаш излегоа на терен во врска со инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов”, во близина на Католичката црква, каде е евидентирано оштетување на јавна површина и инфраструктура во непосредна близина на градежен зафат, соопштија од Центар.
Препорачано
По извршениот увид, велат оттаму, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување, при што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.
„Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегоа на терен и веднаш презедоа мерки за обезбедување на локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, соопштуваат од општината.
Истовремено, дополнуваат оттаму, инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација, како и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.
„Општина Центар останува на терен и будно ќе го следи случајот сè до целосно отстранување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните“, велат од општината.
Инаку, жители на улицата „Христо Смирненски“ во Центар претходно до редакцијата на „Слободен печат“ испратија фотографии и видеа од градилиште каде, како што рекоа, денеска имало свлечиште за време на градежни активности.
Тие информираа дека багерист работел на градилиштето, иако денеска е неработен ден, и предизвикувал бучава, а околу 13:30 часот жителите почувствувале тресење кое според нив било предизвикано од свлекување на земјиштето каде се гради.


