Отворено писмо на Виктор Габер: Пратеници на народот – од што се плашите?
(Повод: Немањето одговор од Собранието на Претставката со барање за распишување референдум за уставни измени)
Почитувани пратеници на Собранието на Република Северна Македонија, а зошто не и претседателке на државата,
Препорачано
Во овие судбоносни моменти, дозволете уште еднаш да ви се обратам како на директни претставници на народот, избрани од нас со непосредно и тајно гласање, а во врска со потребата за остварување на стратешката определба на нашата држава и општество за полноправно членство во Европската Унија.
Повод за ова писмо е немањето одговор на мојата Претставка поднесена на 20 мај 2026 година до вас мои пратеници, преку Претседателот на Собранието Африм Гаши, во согласност со член 24 од Уставот на Република Северна Македонија.
Еве поминаа 15 дена, а не е исполнета обврската за одговор, во согласност со став 1 од членот 24 од Уставот. Дури нема никакви информации дали во согласност со член 34 став 1 од Деловникот на Собранието вам ви е доставена Претставката, дали сте ја разгледувале, на кој собраниски орган, дали по неа е донесен некој заклучок. Впрочем, вие имате право во согласност со членовите 37 и 38 од Деловникот за Претставката да го прашате носителот на јавна функција, претседателот Гаши, зошто не ви ја доставил, а е објавена во некои медиуми. А тој во согласност со член 60 од истиот ваш Деловник е должен за примена на Деловникот и постапување по вакви Претставки.
Ова обраќање е од јавен карактер, заради неопходноста ние граѓаните, вашите гласачи, да го добиеме одговорот дали вие, за кои сме се определиле да бидете наши претставници, останувате на досега од вас усвоените во Собранието 127 официјални акти за исполнување на стратешката определба:
полноправно членство во Европската Унија
Или, сите тие документи (Национална стратегија, резолуции, декларации, обврски од договори, програми, планови, заклучоци…, а некои и од финансиски карактер) ќе ги поништите и ќе донесете други официјални акти за нова стратешка ориентација на државата, за што не сме ви дале согласност. Согласноста што сме ви ја дале за остварување на стратешката ориентација на државата беше заснована на вашите предизборни ветувања, на вашите програмски определби, на вашите јавни изјави за нашата заедничка, стратешка евроатлантска ориентација.
Во Претставката од 20 мај 2026 година поднесов и формулација за вие, во согласност со член 68 од Уставот и член 20, став 2 од Законот за референдум, да започнете постапка за распишување
референдум
за изјаснување на нашиот народ: „Дали сте согласен Република Северна Македонија да ги продолжи преговорите за влез во Европската Унија со измена во амандманот XXXVI на Уставот на вашата држава и по зборовите …„бошњачкиот народ“, да се додадат зборовите „на хрватскиот народ, на бугарскиот народ, на еврејскиот народ…“?
Референдумот во политичката филозофија и практика, знам дека добро знаете, е највисокиот демократски процес на утврдување на народната волја, кога прашањето во него се однесува за сегашноста и иднината, на граѓанскиот, семејниот и државниот развој и безбедност.
Со распишување на референдумот, мои/наши претставници, станувате носители на историскиот исчекор во сестраниот развој на нашите, вашите семејства, на нашиот народ.
А Буда вели: „Ако сакаш да леташ, треба да се ослободиш од сѐ што ти тежи“.
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


