ФОТО + ВИДЕО | Од „европските Малдиви“ до скриениот грчки бисер — ова се најпотценетите крајбрежни дестинации во Европа
Од мирните фински архипелази и скриените заливи на Шпанија до Ксамил, познат како „Малдивите на Европа“, нов туристички водич ги издвои десетте најпотценети крајбрежни дестинации на континентот кои нудат природна убавина, автентично искуство и далеку помалку туристички гужви од популарните летувалишта, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Лошињ и Ксамил се најдоа на листата на десетте најпотценети приморски дестинации во Европа, според новиот туристички водич „Најпотценетите места во Европа“.
Во изданието се претставени стотици помалку познати локации кои нудат автентично искуство, богато културно наследство и природни убавини, без масовен туризам и високи цени. Посебно внимание е посветено на крајбрежните дестинации, а меѓу нив се издвојуваат десет места што заслужуваат да се најдат на списокот на секој љубител на патувања.
Оландски Острови, Финска
Оландските Острови се автономна област на Финска, населена претежно со жители што зборуваат шведски јазик. Архипелагот опфаќа околу 6.700 острови и е познат по недопрените песочни плажи, мирната природа и опуштениот начин на живот.

Посетителите можат да уживаат во сауни, велосипедски тури низ овоштарници со јаболка, риболов, едрење, кајакарење и планинарење. За љубителите на авантури се достапни искачување по карпи, болдеринг и лизгање на големи замрзнати површини во текот на зимата.
Главниот град Мариехамн плени со северноевропски шарм, дрвени куќи од 19 век, поморска населба и интересни музеи. Во негова близина се наоѓа и средновековниот замок Кастелхолм.
Кабо де Гата, Шпанија
Далеку од раздвижените летувалишта на Коста дел Сол, овој заштитен дел од андалузискиот брег нуди сосема поинакво доживување на југот на Шпанија.

Областа е препознатлива по вулканските пејзажи, скриените заливи и коралните гребени, додека малите приморски населби нудат пристапно сместување. Природата е сурова, автентична и исклучително впечатлива.
Компорта, Португалија
Сместена покрај естуарот на реката Садо, Компорта е едно од најопуштените крајбрежни места во Португалија.
Опкружена е со борови шуми, песочни дини и оризови полиња кои напролет се претвораат во водени површини, а во лето добиваат интензивна зелена боја.
Иако во последните години стана попопуларна меѓу туристите, строгите правила за градба успеале да го зачуваат нејзиниот мирен карактер. Денес нуди совршен спој на природни убавини, елегантни продавници и врвни ресторани.
Куронска Превлака, Литванија и Русија
Помеѓу Балтичкото Море и Куронската Лагуна се протега тесен појас земја познат по огромните песочни дини, густите шуми и спектакуларните погледи кон брегот.
Посетителите можат да се искачат на дината Парнидис, висока 52 метри, да бараат килибар по плажите или да набљудуваат фоки и делфини. Во околните шуми живеат елени, лосови и диви свињи.
Рибарското село Нида е познато по одличната морска храна и традиционалните литвански специјалитети.
Полуостровот Фишланд-Дарс-Цингст, Германија
Овој долг полуостров во североисточниот дел на Германија е препознатлив по широките песочни плажи, мочуриштата и спокојната атмосфера.
Селото Аренсхоп уште во 19 век привлекувало уметници, а и денес е исполнето со галерии и креативни содржини. Регионот е идеален за набљудување птици, долги прошетки покрај морето и бегство од градската врева.
Особено импресивни се мочуриштата кои во пролет и есен привлекуваат и до 50.000 жерави.
Ксамил, Албанија
Ксамил, често нарекуван „Малдивите на Европа“, е еден од најубавите делови на Албанската Ривиера. Кристално чистото тиркизно море, песочните плажи и планинските пејзажи го прават една од најатрактивните дестинации на Јадранското и Јонското Море.

Местото се наоѓа во рамките на Националниот парк Бутринт, каде природните убавини се испреплетуваат со богато историско наследство. Во близина се наоѓаат античките урнатини на Бутринт, заштитени од Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, со остатоци од старогрчки, римски и венецијански градби.
До неколкуте мали островчиња пред брегот може да се стигне со педалинки, што претставува одлична можност за оние кои бараат помирни плажи.
Леже-Кап-Фере, Франција
На врвот на полуостровот на атлантскиот брег на Франција се наоѓа Кап Фере, дестинација што успева да го зачува чувството на изолираност и покрај популарноста кај домашните туристи.
Рибарските села, боровите шуми и долгите песочни плажи се главните обележја на овој крај. Атлантската страна привлекува сурфери, додека заливот е многу помирен и попогоден за капење.
Деновите тука најчесто минуваат во возење велосипед, уживање во морски плодови и опуштени вечери покрај морето.
Лошињ, Хрватска
Сместен во Кварнерскиот Залив, Лошињ претставува помирна алтернатива на попознатите хрватски острови на југот од земјата.
Планинските патеки, чакалестите заливи и плажите опкружени со борови шуми го прават идеално место за одмор во природа. Крајбрежните гратчиња како Мали Лошињ и Нерезине нудат опуштена атмосфера и автентичен медитерански амбиент.
Особено популарни се излетите со брод, при кои посетителите можат да набљудуваат делфини во нивната природна средина.
Пелион, Грција
Полуостровот Пелион се протега источно од грчкото копно и е познат по густите шуми, овоштарниците и бројните планински извори.
Поради ридестиот терен и тесните патишта никогаш не се развил во голем туристички центар, што придонело да го зачува својот автентичен карактер. Голем број села се поврзани со стари камени патеки, а природата останала речиси недопрена.
Планината Пелион е висока 1.651 метар и е позната по производството на јаболка, круши и јаткасти плодови. Посетителите можат да го вкусат локалниот специјалитет ципуро, традиционален грчки алкохолен пијалак што се служи во таверни познати како ципурадики.
Прочида, Италија
Во Неаполскиот Залив се наоѓа Прочида, мал остров долг само три километри.
Познат е по лимоновите дрвја, мирните рибарски населби и вулканските плажи кои останале надвор од главните туристички текови.
Островот бил локација за снимање на филмовите „Поштарот“ и „Талентираниот господин Рипли“. Меѓу најубавите места се издвојуваат шареното пристаниште Марина ди Коричела и крајбрежниот дел Марина Кјајолела.
Тесните улички се обрабени со куќи во живописни бои, додека рестораните служат свежи морски плодови и традиционални италијански јадења, придружени со чаша локално вино фалангина.
ФОТО | Најдобри нудистички плажи во Грција за несекојдневно летно бегство


