Ослободителна пресуда за таткото на Васил Јованов, кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова
Зоран Јованов, татко на Васил Јованов кој на „Партизанска“ смртно ја прегази младата Фросина Кулакова денеска добил ослободителна пресуда. Сообраќајката се случи со возило во сопственост на таткото на Васил, но Судот виновен за трагедијата го смета единствено Јованов, кој е осуден на 13 години затворска казна.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола. Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел. Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело. Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот. Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото – соопшти Кривичниот суд.
Зоран Јованов не чувствува вина за тоа што го направил син му
На почетокот на судскиот процес, обвинителот Александар Марковски го смени кривичното дело за поблаго, односно таткото наместо за предизвикување на општа опасност, го гонеше за загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Одлуката ја донесе судијката која го осуди и Васил на 12 години затвор, Снежана Марковска. Фросина беше смртно прегазена на крајот од јануари минатата година, кога Јованов пијан, без возачка, на црвено и на пешачки премин со автомобилот на татко му удри во неа додека ја поминувала „Партизанска“. По трагедијата следуваа низа протести.


