ФОТО | „Засекогаш млади“: Маријана и Росана по повеќе од 30 години снимаат заеднички спот
Сестрите близначки Маријана Новачевска и Росана Сариќ-Тодоровска по повеќе од триесет години се заедно пред камера. Тие деновиве го снимаат видеоспотот за новата песна „Засекогаш млади“, со која повторно ги спојуваат своите препознатливи гласови, овојпат заедно со Драган Спасов-Дац и Александар Митевски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фотографија од снимањето објави Росана на Инстаграм, на која двете сестри насмеани позираат во кабриолет, а до сликата, таа напиша: „Снимаме спот! Засекогаш млади“.

Оваа соработка носи посебна емоција. Маријана и Росана беа едно од најуспешните музички дуоа во Македонија во текот на 1980-тите години, со хитови како „Признавам“, „Едно срце“ и „Стој“, кои денес се евергрини. Нивниот дует престана со активна работа кога Маријана се пресели во Австралија, каде што живее повеќе од три децении.
Токму затоа, новата песна има симболично значење. По 35 години, сестрите повторно се обединија во студио и снимија заедничка композиција, а сега ја заокружуваат приказната и со видеоспот. Автор на музиката е Александар Митевски, кој заедно со Дац е дел од проектот што ги враќа на иста сцена четирите добро познати имиња од македонската музика.

Насловот „Засекогаш млади“ не е случаен. Тој ја носи пораката дека вистинската музика, пријателството и емоциите не стареат.
Неодамна, Маријана Новачевска сподели емотивна објава по повод 89. роденден на нејзиниот татко Томислав и објави семејни фотографии од прославата во домашна атмосфера.
„Бројката 89 е големка и уште толку многу да си ни здрав, жив, татичко наш. Среќен роденден, Томчико наш“, напиша Маријана која во моментов е дојдена на одмор дома. Нивните родители живеат во родното Куманово.


