Фото: МИА

Конференцијата во Египет за Гаши поважна од Мечкин Камен

Претседателот на Собранието приоритет ѝ даде на Конференцијата за борба против дискриминација кон исламот, наместо на 2 Август да се обрати во Крушево, но за „Слободен печат“ вели: „Нема никаква тенденција, таман работа“.

Претседателот на Собранието Африм Гаши одбра за Илинден да оди на конференција во Египет, наместо да се обрати на Мечкин Камен во Крушево, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Собранието.

На 35-годишнината од независноста на Македонија, Гаши приоритет ѝ дава на Конференција на тема борба против дискриминација кон исламот, наместо свое обраќање да има на одбележувањето на Денот на Републиката.

Претседателот на Собранието негира дека има каква било тенденција кога станува збор за чествувањето на Илинден, иако и лани наместо него, обраќање во Пелинце имаше потпретседателката на парламентот Весна Бендевска. На Мечкин Камен годинава, пак, наместо Гаши ќе се обрати потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.

Според информации од Собранието, Гаши решил да оди во Египет бидејќи првпат нашата држава била поканета на, како што велат оттаму, толку важна конференција. Тој за ова го информирал потпретседателот Милошоски и тој прифатил за 2 Август да одржи говор на Мечкин Камен.

Гаши негира дека има тенденција и дека избегнува да го чествува Илинден.

Африм Гаши / Конституивна седница во Собрание / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

– Нема никаква тенденција. Таман работа. Ќе бидам на службено патување – одговори Гаши за „Слободен печат“.

Државниот врв – претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието – секоја година ја ротираат локацијата при одбележувањето на Илинден и тоа на Мечкин Камен, Пелинце и во Скопје. Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката се одржува во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде што според распоредот, годинава требаше да се обрати Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски годинава треба да има свое обраќање во Пелинце за годишнината од Првото заседание на АСНОМ, додека шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати во Скопје.

Гаши лани не дојде во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и во Прохор Пчински и наместо него, собраниската делегација ја предводеше потпретседателката Бендевска. Тогаш објаснувањето беше дека неговото отсуство ќе биде поради здравствени причини.

Иако Гаши ја турка третата година од мандатот како претседател на Собранието, досега само во 2024 година, односно во првата година од мандатот тој се обрати пред зградата на Собранието.
За споредба, претходниот претседател на Собранието Талат Џафери редовно присуствуваше и се обраќаше на чествувањата за Илинден. Тој само во 2020 година не дојде на Мечкин Камен бидејќи закрепнуваше по инфекцијата со коронавирусот. Тогаш наместо него во Крушево се обрати потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Според најавите, годинава на Мечкин Камен ќе присуствува претседателот на СДСМ Венко Филипче. Нема информација дали лидерот на ДУИ Али Ахмети годинава во својство на претседател на партија или како пратеник ќе биде дел од делегациите што го чествуваат Илинден.

Артан Груби, Али Ахмети Мечкин Камен Фото: Принтскрин

Досега Ахмети само еднаш, и тоа во 2021 година, беше присутен на манифестацијата во чест на Илинден и во името на ДУИ положи цвеќе на Мечкин Камен. Ахмети тогаш во Крушево дојде на лична покана на тогашниот претседател на државата Стево Пендаровски, кој го промени концептот на прослава на Илинден, односно наместо говор шефот на државата, имаше двеминутно видео-обраќање. На одбележувањето на Илинден во Крушево, тогаш беше и премиерот Зоран Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот