Фото: Левица

Инспектор да провери дали сточарска фирма испушта фекалии во Брегалница, бара Левица

Левица соопштува дека до неа биле доставени фотографии и пријава од загрижени жители на село Долни Балван, Општина Карбинци, кои, како што велат, алармирале дека сточарска фарма со години испушта течен животински измет и фекалии во канал што директно се влева во Брегалница. Опозициската партија се сомнева во еколошки криминал, па бара државен инспектор да провери што се случува на терен.

„Граѓаните веќе поднеле официјално барање до Државниот инспекторат за животна средина, со кое бараат итен вонреден инспекциски надзор, земање мостри од водата и поведување соодветна постапка против одговорните. Според доказите што ги доставиле, шталата е изградена непосредно до каналот, а на фотографиите се гледа и лице кое физички го турка изметот кон водотекот. Во пријавата се наведува дека не станува збор за изолиран случај, туку за долгогодишна пракса на директно загадување на Брегалница“, реагира Левица.

Дополнително, како што посочува партијата, жителите изразиле сомнеж дека сопственикот на фармата има блиски односи со овластен инспектор од Општина Штип, па барале случајот да не остане во надлежност на локалните структури, туку постапката да ја води Државниот инспекторат за животна средина.

„Само неколку дена по трагедијата во Гостивар, каде што илјадници граѓани со недели беа изложени на вода загадена со фекалии поради институционални пропусти, државата повторно добива предупредување за можен сериозен еколошки инцидент. Водите на Брегалница се користат за наводнување на земјоделските површини во целиот регион, а жителите предупредуваат дека во непосредна близина се наоѓаат и штипските бунари за водоснабдување. Токму затоа, институциите денес имаат можност да спречат нова катастрофа, наместо повторно да реагираат откако штетата веќе ќе биде направена“, нагласуваат оттаму.

Левица бара Државниот инспекторат за животна средина итно да испрати инспектор на терен, да изврши вонреден инспекциски надзор, да земе мостри од водата, да ја утврди фактичката состојба и, доколку се потврдат наводите, без одлагање да поднесе кривична пријава и да ги преземе сите мерки предвидени со закон. Истовремено, бара јавноста да биде целосно информирана за текот и исходот на постапката.

„Граѓаните од Долни Балван си ја завршија својата обврска – собраа докази, поднесоа пријава и јавно предупредија на опасноста. Сега на ред се институциите да покажат дали законот важи подеднакво за сите или повторно ќе надвладее логиката на личните врски и заштитените поединци на штета на здравјето на граѓаните“, стои во реакцијата на Левица.

ФОТО: Чудна бела пена извира од канал крај Вардар во Скопско, итно се анализираат примероци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот