„Велес е полн со бариери“ — средношколци ќе ги обележуваат институциите што не се пристапни за луѓето со попреченост
Ученици од четири средни училишта од Велес, употребувајќи дигитална алатка, во наредните месеци ќе ги мапираат велешките институции што не се пристапни за луѓето со попреченост, како и за родителите со колички и за луѓето што користат помагала при движење.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Се работи за иницијатива на Фондацијата „Импакт Нет“, која има за цел да понуди решение за долгогодишниот проблем со бариерите за влез и излез од јавните институции, кои се важни за животот на граѓаните, а сепак многумина се практично дискриминирани да ги посетат поради својата состојба или попреченост.
„Пристапноста до институциите не е привилегија, туку стандард и основно човеково и граѓанско право“, велат од Фондацијата.
Како што објаснуваат оттаму, проектот „Дигитален зелен пристап“ е направен за да го зајакне граѓанскиот простор, кој би станал инклузивен – за сите. Истовремено, да се поттикнат државните и локални институции да ги спроведуваат своите обврски и одговорности кон ранливите граѓани.
„Потребата од трансформација и инклузија во општеството е потребна да се оствари веднаш, за никој да не биде исклучен“, нагласуваат од Фондацијата.

Од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес посочија дека при една прошетка на луѓето во количка, тие практично никаде не можат да стигнат, бидејќи градот е полн со бариери.
„Ние самите ги создаваме тие пречки и дополнително им го отежнуваме животот на овие лица. Имаме семафори без звучна сигнализација, во ниту една јавна здравствена установа нема толкувач на знаковен јазик за лицата со оштетен слух. Ниту здравствените работници ги разбираат нив, ниту тие можат да разберат што им се кажува. Затоа мора да доаѓаат со член од семејството за да комуницираат со лекарите. Во ниту една банка нема ваква услуга, а дел од лицата со попреченост се вработени и имаат потреба од банкарски услуги. Во институциите нема информации испишани со Брајово писмо. Јавниот превоз не е пристапен за лицата со попреченост, а рабниците на тротоарите кај пешачките премини треба да бидат спуштени“, изјавија од Здружението.
Според Здружението, меѓу недостапните јавни институции се Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, превентивната предучилишна здравствена служба, Пошта, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, електронската и свечената сала на Општина Велес, Агенцијата за вработување и Центарот за социјални работи.
Пристапноста во јавните простори е актуелна тема во државата. Претходниот месец во Скопје се одржа „Марш на исклучените“, каде луѓе со попреченост заедно со родители со колички и велосипедисти побараа подостапен и поинклузивни град, без пречки.
Иницијатор на маршот беше Здружението „Икуалити”, чиј претседател Гере Трипков рече дека се тука да ја изразат својата волја, очекувајќи да бидат еднакви со останатите.
„Очекуваме да имаме пристапни улици, патеки, тротоари, јавни површини и паркови. Очекуваме конечно од другата страна да не’ дочекаат со насмевка, а не со неприфаќање и дискриминација”, посочи Трипков.
Според него, бариерите за луѓето со атипичен развој не се само физички. Односно, освен препреките по улиците и институциите, треба да се размислува и за дигиталната пристапност за глувите и слепите, потоа за правото да се користи толкувач, со цел луѓето со оштетен слух да можат да одат до институција, на лекар, во банка, за да остварат основни права и потреби.


