„Зелен хуман град“ бара да се затвори загадувачот што ја испуштил белата пена во Лепенец и Вардар
Во текот на изминатите денови во јавноста се појавија снимки и фотографии на кои може да се забележи голема количина бела пенлива материја, која прво ја прекрила реката Лепенец, по што продолжила по течението кон Вардар, реагира иницијативата Зелен хуман град, која овој инцидент го карактеризира како „уште еден екоцид врз животната средина“.
Препорачано
„Ова е само најновиот во долгата низа инциденти што се последица на отсуството на ефикасна контрола врз големите индустриски капацитети, кои, очигледно, можат да загадуваат без страв од санкции и без никаква грижа за животната средина, биодиверзитетот и животот на граѓаните, сè додека неколку моќници профитираат од тоа. За жал, ваквата негрижа не е ниту нова ниту изненадувачка“, забележува Зелен хуман град.
Наместо доследно да ги спроведуваат законите и да го штитат јавниот интерес и природните ресурси, иницијативата смета дека македонските институции повеќе делуваат во насока на заштита на индустриските загадувачи.
„Од Државниот инспекторат за животна средина и Град Скопје ‘се пофалија’ дека нивните инспектори се на терен и го утврдуваат потеклото на белата пенлива материја. Апелираме професионално и транспарентно да ја завршат својата работа, во најкус можен рок да ја информираат јавноста за резултатите од анализите, да ги утврдат одговорните за загадувањето и да ги ЗАТВОРАТ индустриските загадувачи одговорни за ова труење. ОЈО, не го прифаќаме вашето ‘не излегуваме на терен за секое шише’. Да, ќе излегувате за секое шише, поготово ако се неколку тони шишиња или топки од ФФМ намерно фрлени во река. Град Скопје, не прифаќаме ‘најверојатно е пена од автоперална“ и слични небулозни приказни за мали деца. Автоперална не може да загади цела река со пена, поготово не со тешки метали“, реагира „Зелен хуман град“.
Исто така бараат, како што велат, да не се кријат прекршители и јавно да се објават сите до сега – кој е казнет, кога, за што и дали се спогодиле за помала сума.
„Министерство за животна средина и Државен инспекторат за животна средина, не прифаќаме спогодби ни од милијарди евра со еколошки терористи, а не вашите смешни 100.000, кои било кој крупен капитал ги заработува за неколку дена. Бараме многу построги затворски, како и парични казни врз основа на годишниот приход на терористите, најмалку 20%. Не сакаме ни да слушнеме веќе за тоа дека немате инспектори, стручен персонал или пари. Имате извршни директори на тие институции задолжени токму за тоа. Не прифаќаме вакви и слични бедни изговори позади кои се крие неажурност и неспособност за функции на јавни службеници кои треба ревносно да ги извршувате за наша заштита, за која што и, впрочем, ние граѓаните ве плаќаме“, се вели во реакцијата.
Инаку, викендов веќе престана да тече белата пена по Лепенец. Испитувања на водата најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, но досега нема информација што се случуваше со реката.
Ѓорѓиевски посочи дека градските инспекциски служби веднаш излегле на терен, а дека дополнително ги контактирале и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така излегле на терен. Воедно, од Град Скопје беше пуштен и дрон, додека службите од ЈП ,,Водовод и канализација” беа повикани за да земат примероци од реката.
ФОТО: Чудна бела пена извира од канал крај Вардар во Скопско, итно се анализираат примероци


