Кузмановски: Доаѓањето на Червар е дополнителен мотив, верувам во подобра сезона
По подолг период на размислување, капитенот на Пелистер, Филип Кузмановски, донесе одлука и во новата сезона да го носи зелено-белиот дрес. Македонскиот репрезентативец го продолжи договорот со битолскиот клуб, иако во текот на летото имаше понуди за интернационален ангажман.
Препорачано
Искусниот бек повторно ќе соработува со Лино Червар, тренерот под чија палка пред повеќе од десет години ги направи првите сениорски чекори во редовите на Металург. На стартот од подготовките, Кузмановски истакна дека желбата да остане во родниот град, како и амбициите на клубот, биле клучни за неговата одлука.
„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Верувам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од претходната. Имаме многу нови играчи, ќе ни треба време да се воиграме, но со доаѓањето на Лино Червар сите ќе имаат дополнителен мотив. Се надевам дека често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш е со нас“, изјави Кузмановски.
Тој очекува тимот да добие препознатлив натпреварувачки карактер, нагласувајќи дека Червар ќе инсистира на максимална дисциплина, пожртвуваност и борба за секоја топка.
„Ќе бидеме поинаков тим од лани. Очекувам да изгледаме подобро и во напад и во одбрана. Жал ми е за играчите што заминаа, бидејќи заедно изградивме одлична атмосфера, но спортот носи промени. Сега е време да создадеме нов успешен колектив. Дресот на Пелистер носи одговорност и притисок, но верувам дека тоа ќе биде дополнителен мотив. Лигата ќе биде многу поконкурентна и ќе мораме да се бориме до крај на секој натпревар“, додаде капитенот.
Пелистер зад себе има сезона без освоен трофеј, а по три последователни настапи во Лигата на шампионите, годинава ќе се натпреварува во Европската лига. Во Битола, сепак, не ги кријат амбициите повторно да се вратат на шампионскиот трон во домашното првенство.


