Пирло демантира: Соработката со рускиот бренд не беше политичка
Легендарниот италијански фудбалер и тренер Андреа Пирло за првпат јавно се огласи откако неговата соработка со руски бренд предизвика жестоки реакции во Италија и ги доведе во прашање неговите шанси да стане нов селектор на националната репрезентација.
Препорачано
Во своето соопштение Пирло истакна дека со голема горчина ги следел случувањата и дебатата што во изминатите денови се водела околу неговото име. Посочи дека досега молчел од почит кон институциите, Фудбалската федерација на Италија и сите кои учествуваат во изборот на нов селектор.
Поранешниот италијански репрезентативец нагласи дека во текот на целата играчка и тренерска кариера секогаш работел во согласност со законите на државите во кои бил ангажиран, како и со сите договори што ги потпишал.
Тој потенцираше дека спорната соработка потекнува од периодот кога работел во Обединетите Арапски Емирати и дека имала исклучиво комерцијален и спортски карактер.
„Да ѝ се припишува политичко значење на таа соработка значи да ми се припишуваат ставови што никогаш не сум ги изнел и кои не ги делам“, порача Пирло.
Во соопштението им се заблагодари и на Паоло Малдини и Леонардо за довербата и поддршката, нагласувајќи дека исклучително ја цени нивната стручност, сериозност и посветеност кон италијанскиот фудбал.
На крајот, Пирло изрази жалење што, како што наведе, една исклучиво спортска одлука за кратко време прераснала во јавна полемика во која му биле припишувани намери и убедувања што не се негови.
„Љубовта кон Италија не зависи од функцијата што ја извршувам. Таа е дел од мојата историја, мојот идентитет и засекогаш ќе остане со мене“, порача Пирло во официјалното соопштение.
Италија повторно без селектор? Договор со руска обложувалница му направи проблем на Пирло


