Фото: Terence Lewis / Zuma Press / Profimedia

Кога Реал Мадрид ќе „тропне на вратата“, дури и ПСЖ не е атрактивен — најбараниот офанзивец во Европа пред потпис со „кралскиот клуб“

Реал Мадрид е на чекор до комплетирање на еден од најголемите и најизненадувачки трансфери ова лето. Според шпанскиот весник „АС“, клубот ги завршува последните формалности околу ангажманот на крилниот напаѓач на Лајпциг, Јан Диоманде, а официјалната потврда би можела да пристигне веќе во понеделник.

Деветнаесетгодишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска беше на радарот на неколку европски гиганти. Многумина веќе го видоа во дресот на Пари Сен Жермен, а огромен интерес покажаа и премиерлигашите Ливерпул и Манчестер сити, но Реал Мадрид успеал да ја добие трката за неговиот потпис.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Madrid Xtra (@madridxtra_)


Според „АС“, преостанува само да се заврши документацијата меѓу двата клуба, додека сите клучни детали од договорот веќе се усогласени.

Реал Мадрид и Лајпциг договориле обесштетување од меѓу 115 и 120 милиони евра, а Диоманде ќе потпише петгодишен договор со „кралскиот клуб“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Fabrizio Romano (@fabriziorom)


Преговорите со неговите претставници поминале брзо и без проблеми, што не е изненадување ако се знае дека истиот менаџерски тим го застапува и Винисиус Жуниор. Договорени се и личните услови, вклучувајќи ја платата и должината на договорот, па останува само официјалниот потпис.

Доколку трансферот биде реализиран, Диоманде ќе стане петтото засилување на Реал Мадрид ова лето, по Марк Кукуреља, Ибрахима Конате, Бернардо Силва и Дензел Думфрис.

Што добива Реал Мадрид со Диоманде?

Диоманде важи за еден од најталентираните млади офанзивци во Европа. Може подеднакво добро да игра на двете крилни позиции, а веќе има искуство и во шпанскиот фудбал, бидејќи сезоната 2024/25 ја мина во Леганес.

Минатата сезона блесна во дресот на Лајпциг, постигна 12 голови и осум асистенции, со што му помогна на клубот да го освои третото место во Бундеслигата.

Неговите настапи му ја донесоа и наградата за најдобар млад играч во Бундеслигата, признание кое претходно го освојувале фудбалери како Мајкл Олисе, Алфонсо Дејвис и Усман Дембеле.

Диоманде беше најдобриот дриблер во германското првенство со дури 118 успешни дриблинзи. Освен тоа, се истакна и со огромна работна етика, агресивен пресинг и освоени 437 дуели, најмногу од сите фудбалери во Бундеслигата.

Дали Диоманде е нов „галактико“?

Иако станува збор за еден од најбараните млади фудбалери во светот, Диоманде сè уште нема статус на вистинска суперѕвезда како Ерлинг Халанд или Мајкл Олисе. Меѓутоа, претседателот Флорентино Перез, одамна покажа дека знае како да ги избере младите таленти уште пред целосно да „експлодираат“ на светската сцена. Истото се случи со Винисиус Жуниор, Родриго, Едуардо Камавинга, Џуд Белингам, па дури и со Федерико Валверде, кои пристигнаа како исклучително перспективни играчи, а подоцна прераснаа во носители на играта на „кралскиот клуб“.

Во таа категорија се вклопува и Диоманде. Фактот дека Реал ги надминал сите конкуренти во трката за неговиот потпис, дополнително ја потврдува вербата на клубот дека токму Диоманде може да биде следниот „галактико“.

Какво влијание ќе има трансферот врз Винисиус и Родриго?

Иако на прв поглед, ангажманот на Диоманде може да се протолкува како евентуално заминување на Винисиус Жуниор, ситуацијата е далеку покомплексна. Реал Мадрид и понатаму смета на Бразилецот, но преговорите за пордолжување на договорот, кој истекува следното лето не се сè уште завршени.

Во меѓувреме, Арсенал внимателно ја следи ситуацијата. Според повеќе извори, лондонскиот клуб ја разгледува можноста да тргне по потписот на Винисиус доколку не биде постигнат договор за нова соработка со Реал Мадрид. „Кралевите“ нема ни да разгледуваат понуди пониски од 160 милиони евра.

Во Реал веруваат дека доаѓањето на Диоманде може да им даде подобра позиција во преговорите за нов договор со Винисиус и да влијае врз неговите финансиски барања.

Доколку Винисиус остане, Реал би можел да располага со исклучително моќна офанзивна четворка составена од Винисиус, Килијан Мбапе, Џуд Белингам и Диоманде.


Од друга страна, ситуацијата на Родриго изгледа многу понеизвесна. По повредата на предните вкрстени лигаменти и долгата пауза, неговото место во тимот би можело да биде загрозено.

Договорот на Родриго истекува во 2028 година, а не е исклучено Реал Мадрид да размисли за негова продажба доколку пристигне соодветна понуда.

Исто така, Брахим Дијаз и Франко Мастантуоно би можеле да добиваат помала минутажа по доаѓањето на новото засилување.

Како ќе се вклопи во тимот?

Новиот тренер Жозе Мурињо најчесто практикува формација 4-2-3-1, а Диоманде природно би се вклопил како десно крило, особено доколку Винисиус остане на левата страна.

Неговата способност да игра на повеќе офанзивни позиции ќе му даде дополнителна тактичка флексибилност на Мурињо, а на десната страна би можел да формира одлична соработка со десниот бек Трент Александер-Арнолд, каква што Англичанецот формираше со Мохамед Салах кога го носеше дресот на Ливерпул.

ВИДЕО | Лионел Меси се појави во јавноста за прв пат по Светското првенство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот