Фото: mtftennis.mk

Трет пораз во низа за македонските јуниори на Европското првенство

Машката јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе и третиот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое се одржува во Риека и Опатија, Хрватска. Во натпреварот од третото коло од групата „Д“, подобра беше селекцијата на Унгарија со резултат 86:63.

Исходот на натпреварот беше најавен уште во првата четвртина, во која унгарската селекција наметна силно темпо и стекна убедлива предност. По првите 10 минути игра резултатот беше 21:6 во корист на противникот.

Во вториот период нашите кошаркари прикажаа далеку подобра игра и беа рамноправен ривал. Македонија го доби овој дел од натпреварот со 20:19, но високата негатива од првата четвртина значеше дека на полувремето Унгарија имаше водство од 40:26.

Статистиката од првото полувреме покажа јасна предност на Унгарците во скокот, каде имаа речиси двојно повеќе освоени топки под кошевите. Нашата репрезентација направи и 11 загубени топки, а реализацијата за три поени беше скромна, со само еден погодок.

Во продолжението немаше поголеми резултатски промени. Во средината на третата четвртина Унгарија со серија од 12:6 ја зголеми предноста на 20 поени (52:32), а истата разлика ја задржа и до крајот на овој период. До последниот звук на сирената нашата репрезентација се бореше и не дозволи дополнително зголемување на негативата, но не успеа да ја загрози победата на противникот.

Цветковски беше на своето стандардно, поентерско ниво, реализираше 22.поени (имаше и по четири скока и исто толку додавања), но на овој натпревар изостана офанзивната поддршка од соиграчите. Сребров постигна осум, а Малиниќ седум поени.

И покрај третиот пораз, настапите на ова ЕП претставуваат значајно искуство за младата македонска репрезентација. Голем дел од кошаркарите за првпат се натпреваруваат на ова ниво, а секој меч носи нови лекции и можност за напредок во дуелите со квалитетни европски селекции.

Во понеделник на шампионатот во Опатија и Риека е предвиден слободен ден, а Македонија ќе биде слободна и во четвртото коло. Последниот натпревар од групната фаза нашите јуниори ќе го одиграат на 29 јули, со почеток од 10.30 часот, кога во Риека ќе се соочат со селекцијата на Шведска.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО – ДИВИЗИЈА „Б“ – „ПОД 18“-МАЖИ – РИЈЕКА И ОПАТИЈА 2026

ГРУПА Д

РАСПОРЕД И РЕЗУЛТАТИ

3.КОЛО

Унгарија – МАКЕДОНИЈА 86:63

20.30: БиХ – Шведска

Грузија – слободна

ТАБЕЛА

1.Унгарија 2 2 0 179:145 4

2.Грузија 2 2 0 153:131 4

3.БиХ 2 1 1 168:168 3

4.МАКЕДОНИЈА 3 0 3 204:255 3

5. Шведска 1 0 1 65:70 1

ИДНО КОЛО (28.ЈУЛИ)

10.30: Шведска – Унгарија

20.30: Грузија – БиХ

МАКЕДОНИЈА – слободна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот