Анџелина Џоли се врати во Камбоџа: Го исполни долгогодишното ветување поврзано со Медокс
Холивудската актерка Анџелина Џоли повторно престојува во Камбоџа, каде што ќе посвети повеќе време на својата хуманитарна работа преку фондацијата „Медокс“, основана во чест на нејзиниот најстар син Медокс, пишува „Хелоу“.
Препорачано
Џоли на 22 јули преку социјалните мрежи откри дека повторно е во земјата со која е силно поврзана уште од 2002 година, кога го посвои Медокс од сиропиталиште во Батамбанг. Една година подоцна ја основа фондацијата што го носи неговото име, а во 2005 година доби и почесно државјанство на Камбоџа за својот придонес.
„Неодамна се вратив во Камбоџа, каде што од 2003 година ја градиме фондацијата „Медокс“ – организација што целосно ја водат локални луѓе. Сакам да споделам малку повеќе за нашата приказна“, напиша актерката.
Таа објасни дека фондацијата првично била основана со цел расчистување на минските полиња останати по долгогодишните конфликти, за локалното население повторно безбедно да може да живее и да ја обработува земјата.
Со текот на времето, нејзината работа се проширила и денес опфаќа заштита на шумите од нелегална сеча и криволов, програми за одржливо пчеларство, поддршка за ученици од руралните средини, како и здравствена грижа за мајки и мали деца.
Уште во 2024 година, Џоли во интервју за „The Hollywood Reporter“ откри дека планира да го напушти Лос Анџелес штом нејзините најмлади деца, близнаците Нокс и Вивиен, станат полнолетни. Тие го прославија својот 18. роденден на 12 јули годинава.
„Тука сум затоа што морам да бидам поради разводот, но штом наполнат 18 години ќе можам да заминам. Потоа ќе поминувам многу време во Камбоџа, а ќе ги посетувам и останатите членови на моето семејство каде и да живеат“, изјавила тогаш актерката.
По разводот со Бред Пит, договорот за старателство бараше нејзиното главно живеалиште да остане во Лос Анџелес. Во меѓувреме, неколку од нивните деца – Шајло, Медокс, Захара и Вивиен – и официјално престанаа да го користат презимето Пит.
„Само сакам сите да се залечиме“: Анџелина Џоли за одлуката на децата да се откажат од презимето Пит


