ФОТО | Бакнежи од баба за Малика: Внуката на „Силви бенд“, најголема поддршка на славеничкиот концерт во Охрид
Внуката на Силвана Мучиќ-Плевнеш и на Влатко Плевнеш, познати како „Силви Бенд“, Малика, беше нивната најголема поддршка на славеничкиот концерт кој го одржаа во Охрид, во Домот на културата „Григор Прличев“.
Препорачано
Со овој концерт „Силви Бенд“ прослави 30 години кариера пред својата верна публика.
Малата Малика, чие име во превод значи принцеза, има две и пол години и е ќерка на нивната ќерка Деа Делина, која беше на концертот во првиот ред. Музичко-брачното дуо досега не ја експонираше во јавноста. Внуката на Плевнеш неколкупати се обиде да се качи на сцената кај својата баба, која ѝ испраќаше бакнежи од сцената.

На концертот, Силви и Влатко ги свиреа своите најголеми хитови од триесетгодишната кариера, меѓу кои и „Ангели ме носат“, која ја испеаја заедно со публиката во еден глас. Настанот беше весел и „журка за одбрано друштво“, како што Силви неколкупати го нарече, а симпатични беа шегите од нивниот приватен живот, за тоа кој го има главниот збор дома.
Најемотивниот дел беше посветата за легендарниот кантавтор Владо Јаневски, кој почина на 28. јуни. Владо беше долгогодишен пријател на Силви и на Влатко, музички и семеен, а Влатко Плевнеш го придружуваше на сите негови настапи во текот на неговата 35-годишна кариера.

„Оваа песна не беше планирана во нашиот репертоар, но мораме да ја посветиме на еден човек кој беше наш пријател колку што трае нашата музичка кариера, 30 години. Тоа е Владо Јаневски и за него ја пееме ‘Некогаш и негде’, затоа што знам дека некогаш и негде ќе се сретнеме пак“, рече Силви, која се расплака на сцената додека ја пееше песната.
„Ве молам еден аплауз за нашиот Владо“, додаде таа по песната низ солзи.
„Пред неполн месец се случи една голема трагедија. Го загубивме нашиот Владо, и затоа вечерва ќе пееме сите заедно за него. Мене ми беше чест што бев дел од сите негови настапи и што ми беше пријател“, рече Влатко Плевнеш.
Она што му даде посебно интересен и динамичен печат на овој концерт е сплетот ромски песни од нивниот албум „Ромален“.
„Пред неколку години снимевме проект со кој сакав да го испочитувам мојот народ“, рече Силви Плевнеш.
Тие исто така се потсетија и на безвременската музика од претставата „Коштана“, која играше во неколку македонски театри, а улогата на Коштана ја играше токму Силви. Испејаа и сплет од македонски народни песни, а најинтересната приказна ја има „Ја излези стара мајко“.
„Оваа песна има посебна емотивна вредност за нас, затоа што настанала во старата семејна куќа на семејството Плевнеш во Охрид, во која и денес престојуваме. Затоа, Влатко со најголема љубов ја направи оваа преработка“, рече Силви.
Во публиката беа нивните верни фанови и пријатели, а дел од нив беше и пејачката Олгица Христовска.
На бис, „Силви Бенд“ не испеа ниту еден од нивните хитови, туку ја изненади публиката со одлична изведба на „Con te partirò“ од Андреа Бочели, во која Силви ја даде сета душа на сцената.
„Силви Бенд“ три децении се пример за стабилна музичка кариера, а популарноста ниту еден момент не ги промени. Тие се скромни како на почетокот на кариерата, кога во раните 1990-ти публиката ги запозна со песната „Македоламбада“, нивната прва песна со која се отвораше емисијата „Оваа сабота“ на МРТВ.


