Не е до парите — научник откри зошто Финците се најсреќните луѓе во светот и што можеме да научиме од нив
Финска веќе девет години по ред се наоѓа на врвот на листата на најсреќни земји во светот. Заедно со неа, меѓу најдобрите најчесто се и другите нордиски држави. За многумина ова изгледа како парадокс – долги и темни зими, студена клима и високи даноци тешко звучат како рецепт за среќен живот.
Препорачано
Сепак, истражувањата покажуваат поинаква слика. Жителите на овие земји во просек се позадоволни од својот живот отколку луѓето во речиси сите други делови на светот, пишува „Нова“.
Според Јан-Емануел де Неве, економист од Универзитетот Оксфорд и главен уредник на „World Happiness Report“, причината не е само во богатството.
Среќата не се мери со моментално расположение
Во истражувањето, кое опфаќа речиси 150 земји, луѓето не се прашуваат дали се среќни токму тој ден. Наместо тоа, тие треба да го оценат својот живот како целина.
Од нив се бара да замислат скала со десет скалила – на врвот е најдобриот можен живот што можат да го замислат, а на дното најлошиот. Потоа оценуваат каде се наоѓаат во моментот.
Конечната листа не се прави врз основа на едно истражување, туку на просек од резултатите собрани во текот на неколку години.
Истражувачите потоа анализираат што ги издвојува најсреќните земји – од приходите и животниот век, до здравството, довербата меѓу луѓето и подготвеноста да си помагаат едни на други.
Не е само богатството, туку чувството на сигурност
Де Неве за „Њу Сајентистик“ објаснува дека парите се важни, но не се главниот фактор.
Нордиските земји имаат силни економии, но она што ги издвојува е начинот на кој функционира општеството. Разликите меѓу богатите и сиромашните се помали отколку во многу други развиени земји, а луѓето имаат чувство дека системот ќе им помогне доколку останат без работа или се соочат со здравствен проблем.
Кога луѓето не мора постојано да се грижат како ќе го платат лекувањето или дали ќе останат без основна финансиска поддршка, имаат повеќе простор за семејството, пријателите и работите што ги исполнуваат.
Тајната е во односите со другите
Еден од најважните фактори за среќа, според истражувањата, се меѓучовечките односи.
Посреќни се луѓето кои редовно поминуваат време со семејството и пријателите, заедно јадат и имаат некого на кого можат да се потпрат во тешки моменти.
Во нордиските земји рамнотежата меѓу работата и приватниот живот е многу поизразена, па луѓето имаат повеќе време за блиските.
Довербата меѓу луѓето прави голема разлика
Еден интересен показател во истражувањата е прашањето: „Колкава е веројатноста некој да ви го врати паричникот ако го изгубите?“
Иако изгледа едноставно, ова прашање открива многу за довербата во општеството.
Во Финска, Данска и другите нордиски земји, повеќето луѓе веруваат дека изгубениот паричник би им бил вратен. Токму чувството дека живеат во средина каде можат да им веруваат и на непознати луѓе придонесува за нивното задоволство.
Финците научиле да уживаат и во тешките услови
Финска секако не е совршена. Зимите се долги, студени и темни, а во одредени периоди од годината има многу малку дневна светлина.
Но, според Де Неве, Финците научиле да се приспособат. Во зимските месеци повеќе време поминуваат дома, а летото го користат максимално – покрај езерата, во шумите и во викендичките надвор од градовите.
Близината до природата е уште една важна карактеристика. Многу жители можат за кратко време да избегаат од градската гужва и да поминат време во природа, што според бројни истражувања го намалува стресот и го подобрува расположението.
Не бркаат постојано нешто повеќе
Де Неве смета дека Финците имаат уште една важна особина – немаат нереално високи очекувања.
Наместо постојано да се споредуваат со другите и да бркаат повеќе пари и статус, тие почесто се задоволни со она што го имаат.
Токму таквиот поглед кон животот влијае врз тоа како ја оценуваат сопствената среќа.
Што можеме да научиме од нив?
Според научникот, државите не треба да се фокусираат само на економскиот раст и инфраструктурата.
Подеднакво важно е да се создаваат места каде луѓето ќе се дружат – паркови, спортски терени, локални здруженија и простори за заедницата.
На лично ниво, советот е едноставен: повеќе време со луѓето што ни значат, повеќе разговори лице в лице и помалку потпирање само на дигиталните контакти.
Главната порака е дека среќата не доаѓа само од поголема плата или повеќе материјални работи. Најчесто се гради од чувството на сигурност, довербата во луѓето околу нас и времето што го поминуваме со оние што ни се важни.
Финска пак е прогласена за „најсреќна земја на светот“ – Македонија е на 82. место


