Финска пак е прогласена за „најсреќна земја на светот“ – Македонија е на 82. место
Според најновото издание на извештајот на Светскиот индекс на среќа (World Happiness Report), трите најсреќни земји во светот се Финска, Исланд и Данска, додека Македонија го зазеде 82-то место.
Препорачано
Светскиот индекс на среќа (World Happiness Report) е годишен извештај кој ги рангира земјите според тоа колку нивните жители се задоволни со животот.
Индексот се базира на анкети во кои луѓето го оценуваат својот живот (обично на скала од 0 до 10), а потоа се земаат предвид фактори како што се: БДП по жител (животен стандард), социјална поддршка, очекуван животен век, слобода на донесување одлуки, великодушност и перцепција на корупција.

Финска деветти пат по ред е прогласена за најсреќна земја во светот, додека Исланд е на второ, а Данска на трето место на листата што ја составува Истражувачкиот центар за благосостојба на Универзитетот во Оксфорд, која е вклучена во годишниот извештај за глобална среќа.
Костарика зазеде четврто место – што е највисок пласман некогаш за земја од Латинска Америка. Шведска и Норвешка се на петтото и шестото место, а уште три земји од Европа се наоѓаат меѓу првите 10: Холандија на седмото место, Луксембург на деветтото и Швајцарија на десеттото место.
Кога станува збор за земјите во регионот, Косово е на 16. позиција, Словенија на 18., Србија на 30., Босна и Херцеговина е на 47. место, Црна Гора на 60., Хрватска на 70., додека Северна Македонија се наоѓа на 82. место на светската листа.
Овој извештај ја покажува големата разлика во перцепцијата на среќата во различните региони, при што најсреќни се северноевропските земји, додека некои од земјите во нашиот регион се уште имаат предизвици кога станува збор за животниот стандард, социјалната поддршка и другите фактори кои влијаат на задоволството од животот.


