Почина македонскиот актер Гоце Тодоровски
Македонската јавност се простува од уште една актерска легенда. На 75-годишна возраст, по долга борба со здравствените проблеми, почина Гоце Тодоровски, актерот кој со децении беше вистински симбол на македонскиот хумор, театар и телевизија.
Препорачано
Веста за неговата смрт ја потврди неговото семејство.
„Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски, почина. Фамилија Тодоровски ја објавува најтажната вест после голема борба … Го напушти овој свет, а ми вети … Срцето не издржа, престана да работи … Го реанимираа, направија сè, престана да диши, на кислород ставен, практично апаратурата го држеше, не издржа бе татко … Невидена желба за живот … Лесна ти земја татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено, сега летај со ангелите … Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе, остана без една половина. Иако пензионирани, не се помири и готово. Крај. Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет“ напиша неговата ќерка Сашенка Тодоровска.
Актер кој остави непроценливо наследство
Зад Гоце остануваат десетици маестрално одиграни улоги во театарот, на телевизијата и на радиото. За пошироката публика, неговото име засекогаш ќе остане синоним за култните „Македонски народни приказни“, каде преку автентичните ликови, со топлина и харизма, помогна народното творештво, традицијата и македонскиот збор да допрат до секој дом.
Покрај телевизискиот успех, Тодоровски беше и долгогодишен, истакнат член на Драмскиот театар во Скопје. На театарските штици создаде ликови кои влегоа во историјата на македонската драмска уметност, покаживајќи исклучителен талент за комедија и силен драмски израз. За својата децениска и богата кариера беше носител на бројни награди и државни признанија.
Дух што не згаснува
Иако во последните години од животот се бореше со сериозни здравствени предизвици и ретко даваше интервјуа, кај него секогаш преовладуваа позитивната енергија, хуморот и непосредноста.
Со заминувањето на Гоце Тодоровски, Македонија загуби уметнички великан, но зад него останува богат опус и спомени што никогаш нема да избледат. Неговиот весел дух, препознатлив глас и ликовите што ги оживеа ќе продолжат да живеат прекуона што го создаде децении наназад.


