„Гоце Тодоровски ми го смени името“: Ванчо Петрушевски откри интимни делови од својот живот во последното интервју
Својата животна приказна, легендарниот актер Ванчо Петрушевски ја раскажа во едно од последните интервјуа пред да загине, откривајќи детали кои малкумина ги знаеле за него.
Препорачано
Актерската легенда почина на 25 август 2018 година од струен удар во неговата викендичка во скопското село Орешани. На 19 април ќе наполнеше 75 години. По тој повод, на фејсбук-страницата во чест на Ѓорѓи Колозов, администраторот Горан Марковски се потсети на Петрушевски.
„Актерска величина која ќе се памети со генерации. Еден од најдобрите, најкреативните и најшармантните актери што ги имало македонското глумиште. Роден на 19 април 1951 година во Скопје, потекнува од познатото семејство Петрушеви од Богданци. Син на Иљо, внук на Ване – по кого го носи и името. Заедно со Ѓорѓи Колозов се главните столбови на серијата „Македонски народни приказни“. Ванчо, со своите разнолики и незаборавни улоги, останува длабоко врежан во срцата на сите Македонци, без разлика на етничката и верската припадност. Среќен небесен роденден, Ванчо“, стои во објавата.
Легендарниот актер Гоце Тодоровски во една прилика рече дека едно нешто никогаш не може да прежали, а тоа е неговиот другар и колега Ванчо Петрушевски, кој е најзаслужен што Гоце станал актер.
Многу емотивно и впечатливо е последното интервју на Ванчо, кое се емитуваше на „Сител“ телевизија. Во него, тој зборува за делови од својот живот кои малкумина ги знаат.
„Само татко ми ме викаше Ванчо. Во основно бев Иван, во гимназија Иван, на факултет Иван. Арно ама, другар ми Гоце Тодоровски, со кој сме другари од деветгодишна возраст, бидејќи татко ми ме викаше Ванче, и тој ме завика Ванче.
Кога почнавме да работиме, покрај Гоце почнаа да ме викаат Ванчо сите. И Коле Ангеловски, на некоја тезга ме запиша: ‘Пиши таму Ванчо’. Тргна Ванчо и цела кариера ми помина како Ванчо, и со Рамче“, откри Петрушевски, а потоа зборуваше за својата популарност.
„Оној момент кога доаѓа популарноста, кога народот почнува да ве сака поради она што го работите – дури и негативец да играте во нашата професија, можете да бидете популарни и сакани.
Сега, тоа има убави, позитивни ефекти, но понекогаш и непријатни. Еве, вчера ме казни еден полицаец затоа што застанав кај еден банкомат. Банкоматот не работеше, се вратив во колата, ќерка ми ме чекаше, а тој трчаше од Буњаковец до Градежен факултет и мафташе со рацете дека не смеам да тргнам“, се присети Петрушевски.
Тој истакна дека најтешко е да се насмее народот.
„Најтешко е. Јас сум многу популарен и познат како комичар, а всушност во театар ги имам одиграно сите драмски улоги. Сите награди ми се за драмски улоги. Мене тоа лесно ми одеше. Играв драмски улоги и играв комедии“, изјави Ванчо.
Во интервјуто откри и дека секој ден го започнувал со соларна јога, односно гледање во сонцето.
„Јас користам само некои сегменти од јогата што ми се потребни, како, на пример, дишењето. Тоа го учам многу одамна, уште од гимназиските денови, како и некои вежби што помагаат за абдоминалниот дел. Јас дури и шпага сè уште правам. Во јогата има различни правци, како, на пример, гледање во сонце. Тоа е интересно затоа што долго трае – секој ден се зголемува по десет секунди“, раскажа актерот.
Додаде дека во својата викендичка во Орешани најмногу се релаксирал со своето хоби – сликарството.
Гоце Тодоровски со искрена исповед: Не можам да го прежалам заминувањето на Ванчо Петрушевски


