Шок за „Шеин“: Од профит до загуба од 99 милиони долари пред излегувањето на берза
Онлајн гигантот за брза мода Shein пријави нето загуба од 99 милиони долари во првиот квартал од 2026 година, во пресрет на долгоочекуваното излегување на Берзата во Хонг Конг. Финансиските резултати се објавени во нацрт-проспектот со кој компанијата официјално го започнува процесот на јавна понуда на акции (IPO). Според компанијата, главна причина за слабите резултати е укинувањето на американското правило „de minimis“, кое претходно овозможуваше безцарински увоз на пратки со вредност до 800 долари- објави Ројтерс.
Компанијата, со седиште во Сингапур и основана во Кина, сè уште не открива колку акции ќе понуди, по која цена ќе се продаваат ниту колку средства очекува да прибере преку листирањето во Хонг Конг.
Препорачано
На 10 јули кинеската Комисија за регулирање на хартии од вредност (CSRC) ѝ даде зелено светло за котација во Хонг Конг, откако претходните планови за листирање во Њујорк и Лондон не беа реализирани.
Во проспектот се наведува дека укинувањето на правилото „de minimis“ значително ја погодило продажбата во САД и ги зголемило трошоците за работење. Производите произведени во Кина што Shein ги испорачува на американскиот пазар сега подлежат на царини од 10 до 87,5 проценти.
Дополнително, резултатите биле оптоварени со 328 милиони долари книговодствена загуба поврзана со промената на вредноста на конвертибилните приоритетни акции. Во истиот период лани компанијата оствари нето добивка од 395 милиони долари, додека приходите годинава пораснале само 1,1%, достигнувајќи 9,05 милијарди долари. Во документот се наведува дека основачот Јангтијан Сју (Sky Xu) останува претседател и главен извршен директор, додека поранешниот извршен претседател Доналд Танг повеќе не е наведен меѓу директорите или највисокиот менаџмент. Главни спонзори на ИПО-то се Goldman Sachs, Morgan Stanley и JPMorgan Chase.
Кинескиот онлајн гигант Шеин под истрага, продавал секс кукли што личат на деца


