Фото:МВР

Гостиварци од денес може да ја користат водата како техничка, но не и за пиење и за приготвување храна

Граѓаните на Гостивар од денеска може да ја користат водата како техничка, но не и за пиење. Хемискиот инженер Емилија Аневска, вработена во ЈП „Водовод“ Скопје, која што заедно со електроинженерот Дејан Димовски и машинскиот инженер Александар Смилков учествуваа во тимот за санирање на гостиварската водоводна мрежа, денеска изјави дека земените шест мостри од крајните потрошувачи во Гостивар изминатите денови покажале дека водата повеќе не е загадена со фекалии.

Кај сите примероци, три дена последователно, е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е извршено хлорирање со поголема концентрација. Кај примероците не е регистрирано присуство на трихалометани над дозволени граници. Резултатите се доставени на кризниот штаб и до Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган, посочи таа.

Наредните денови уште повеќе ќе се зголеми бројот на мерните места за континуирано да се следи квалитетот на водата додека не се потврди дека таа е исправна за пиење. Според Аневска не може да се предвиди кога водата би била исправна за пиење.

-Јавното претпријатие во Гостивар генерално се соочува со проблем во процесот на вршење дезинфекција. Ќе се обидеме во следните неколку дена да се реши и тој дополнителен проблем. Кога дезинфекцијата ќе биде континуирана и нема да има отстапување од нормалните вредности за да се добие безбедна вода, прво ќе го известиме кризниот штаб, а потоа и граѓаните, информираше Аневска.

Дека водата во Гостивар е исчистена од фекалии потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

– По повеќекратни испитувања, имаме добиено потврда од страна на експертите дека таа ќе може да се користи како техничка вода, за туширање и сите потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење ниту, пак, за приготвување храна, рече Тошковски.

Во градот ќе продолжи испораката на вода која е флаширана. Тошковски упати порака  до сите одговорни во рамки на општините на територија на Македонија и рече дека се надева дека „ова ќе биде за памет и еднаш засекогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамки на нивните со закон утврдени надлежности во делот на контрола на квалитетот на водата“.

-Им благодарам на гостиварци за разбирањето, како и на експертите кои ги преземаа сите активности во делот на хиперхлорирање и воспоставување апаратура за да дојдеме до фаза да имаме техничка вода, а се надевам за брзо време ќе известиме точно кога ќе дојдеме и до вода за пиење. Се надевам дека за сите одговорни ова ќе биде за памет и еднаш засекогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамки на законски утврдените надлежности во делот на контрола на квалитетот на водата, заради тоа што со здравјето и безбедноста на граѓаните играње нема, рече Тошковски.

Според него, ниту војската ниту полицијата не треба да ги чуваат водоводните системи, бидејќи во мирнодопски услови таа работа е на Јавното претпријатие кое го снабдува градот со вода.

Така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми – истакна Тошковски.

По прогласувањето на епидемија во Гостивар, и откако резултатите на Институтот за јавно здравје по наредба на Обвинителството покажаа дека водата во Гостивар е небезбедна за пиење поради загаденост со фекални бактерии 48 пати над нормалното, Гостивар влезе во кризна состојба. На пеколни горештини, граѓаните се снабдуваа со вода преку донации и пунктови, а не можеа да ја користат водата од градскиот водовод ниту за туширање.

 

 

„Слободен печат“ дознава: водоводната мрежа во Гостивар може да се врати во функција за една до две недели

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот