Готово е: Пирло поради руската обложувалница нема да биде селектор, сега може да си заминат и Малдини и Леонардо
Иако се очекуваше денеска и официјално да биде промовиран за нов селектор на Италија, Андреа Пирло нема да седне на клупата на „аѕурите“. Според италијанските медиуми, договорот бил практично финализиран, но целата постапка пропаднала поради неговата соработка со руска обложувалница.
Препорачано
Поранешниот тренер на Јувентус, кој во моментов работи во Дубаи, беше пред најголемиот предизвик во својата тренерска кариера. Сепак, јавните реакции околу неговиот ангажман со споменатата компанија ја променија ситуацијата.
„Да ѝ се припишува политичко значење на таа соработка значи да ми се припишуваат ставови што никогаш не сум ги изнел и кои не ги делам“, изјави Пирло, одговарајќи на прашање од новинарите.
По негативниот одѕив во јавноста, претседателот на федерацијата, Малаго, наводно решил да се откаже од ангажманот на Пирло и да започне потрага по ново решение за селекторската функција.
Во меѓувреме, италијанските медиуми пишуваат дека неизвесност владее и околу иднината на Паоло Малдини и Леонардо, кои извршуваат директорски функции во спортскиот сектор на федерацијата. Според информациите, двајцата не се сигурни дали ќе останат на своите позиции по одлуката Пирло да не ја преземе репрезентацијата.
Како најсериозни кандидати за селекторската функција повторно се споменуваат Роберто Манчини и Антонио Конте, кои и претходно беа меѓу главните фаворити за оваа позиција.
Италија повторно без селектор? Договор со руска обложувалница му направи проблем на Пирло


