Контроверзниот нов министер Итамар Бен Гвир - Фотографија ЕПА, Абир Султан

Кој е Итамар Бен-Гвир, екстремистот што ја контролира израелската полиција?

Во 1995 година Итамар Бен-Гвир покажа украден амблем од автомобилот на премиерот Јицак Рабин и изјави дека, „откако стигнале до неговиот автомобил, ќе стигнат и до него“. Неколку недели подоцна Рабин беше убиен од еврејски екстремист.

Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, пред неколку дена им се придружи на илјадници еврејски националисти кои влегоа во најчувствителното свето место во Ерусалим, комплексот на џамијата Ал-Акса, и го пофали јавното молење на Евреите. Според долгогодишниот статус кво, со местото управува јорданска исламска фондација, а немуслиманите можат да го посетуваат, но не и да се молат.

Претходно, неговото име се појави во медиумите кога предложи затвор за палестински безбедносни затвореници да биде опкружен со крокодили. Идејата, која веќе се реализира, е инспирирана од американскиот „Алигатор Алкатраз“, но во Израел се разгледува употреба на нилски крокодили.

Крокодили ќе ги чуваат од бегство палестинските затвореници?

Бен-Гвир во мај објави и снимки на кои им се потсмева на врзани активисти од флотилата за Газа. На снимките се гледа како мавта со израелско знаме над приведените и му довикува на човек со врзани раце. Постапката ја осудија повеќе странски влади, како и Нетанјаху, кој оцени дека таквото однесување не е во согласност со израелските норми.

Организаторите на флотилата и дел од активистите подоцна ги обвинија израелските сили и затворските службеници за физичко и сексуално насилство, вклучително и за силување.

Овие случаи се само дел од долгиот список контроверзии што го следат Бен-Гвир. Но, кој е човекот што од маргините на израелската крајна десница стигна до функцијата министер за национална безбедност?

Осуден е осумпати, меѓу другото и за тероризам

Бен-Гвир е израелски адвокат, лидер на партијата „Еврејска моќ“ и министер за национална безбедност, функција што му дава политичка надлежност над полицијата, затворската служба и над граничната полиција. Роден е во 1976 година, а живее во Кирјат Арба, еврејска населба на окупираниот Западен Брег. Тој е политичар кој со децении дејствуваше на маргините на израелската десница, а денес управува со дел од најмоќните инструменти на државата.

Министерот за национална безбедност Гвир се закани: Ќе ја урнам Владата ако Израел не ја обнови војната

Неговите идеолошки корени се во каханизмот, учењето на рабинот Меир Кахане кој се залагаше за масовно протерување на Палестинците и за ограничување на правата на арапските граѓани на Израел. Партијата Ках беше забранета во Израел и означена како терористичка организација во САД.

Бен-Гвир е осуден осумпати, меѓу другото за поттикнување расизам и за поддршка на терористичка организација, а израелската армија не го примила на задолжителна служба поради неговите ставови.

Му се закани на премиерот Рабин кој беше убиен од екстремист

Во 1995 година Бен-Гвир покажа украден амблем од автомобилот на премиерот Јицак Рабин и изјави дека, „откако стигнале до неговиот автомобил, ќе стигнат и до него“. Неколку недели подоцна Рабин беше убиен од еврејски екстремист.

Бен-Гвир порано дома имал фотографија од Барух Голдштајн, кој во 1994 година уби 29 муслимански верници во Хеброн, но подоцна ја отстранил. Сега тврди дека не поддржува масовно протерување, туку само протерување на оние што ги смета за терористи или предавници.

Како адвокат, Бен-Гвир застапувал еврејски екстремисти обвинети за насилство врз Палестинци. Во Кнесетот влезе во 2021 година, а по изборите во 2022 година стана важен партнер во коалицијата на Бенјамин Нетанјаху. Оттогаш тој има огромно влијание, а поддржува пошироко вооружување на еврејските граѓани, построго полициско постапување и влошување на условите за палестинските затвореници. Тој е и главен политички поддржувач на законот за смртна казна за Палестинци осудени за убиства на Израелци.

„Доброволно“ иселување на Палестинците

Во однос на Појасот Газа, Бен-Гвир се противи на палестинска држава и бара трајно израелско освојување на таа територија, повторно воспоставување еврејски населби и „поттикнување доброволно иселување“ на Палестинците.

Израелскиот министер за национална безбедност се спротивставуваше на влезот на хуманитарна помош, тврдеше дека помогнал да се спречат договори за прекин на огнот и привремено ја напушти владата поради примирјето, за да се врати кога борбите продолжија. Неговото образложение е дека „само целосен воен притисок може да го уништи Хамас и да ја гарантира безбедноста на Израел“. Критичарите сметаат дека во услови на уништени домови, недостиг од храна и воена контрола, „доброволното“ иселување не може реално да се одвои од присилно раселување.

Позициите на Бен-Гвир се судираат со еднаквоста пред законот, достоинството на затворениците, правата на малцинствата, политичкиот плурализам, цивилната заштита и со ограничувањето на полициската моќ. Неговите поддржувачи, пак, го гледаат како „политичар којшто без отстапки одговара на тероризмот“.

Во 2025 година Велика Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Норвешка му воведоа санкции поради поттикнување насилство и тешки злоупотреби на правата на Палестинците.

ВИДЕО: Брашно со црви последните оброци во Газа, Израел против хуманитарна помош за појасот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот