И покрај силната желба за живот, неговото срце не издржа — замина Гоце Тодоровски, доајенот на македонскиот хумор
Македонската јавност и културната сцена се простуваат од еден од најпознатите актери на македонската сцена. На 75-годишна возраст, по долга и тешка борба со здравствените проблеми, почина Гоце Тодоровски, доајенот на македонскиот хумор, човекот чиј глас и лик беа синоним за топлина, народна мудрост.
Препорачано
Веста за заминувањето ја потврди неговата ќерка Сашенка Тодоровска. Таа изјави дека Гоце имал огромна желба за живот, но за жал, неговото срце не издржало:
„Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе, остана без една половина … Крај. Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет“.

Од кичевските корени до сцената на Драмски театар
Роден на 30 април 1951 година во Кичево, Гоце Тодоровски го започна својот уметнички пат на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски. Веднаш по дипломирањето, стана постојан член на Драмскиот театар во Скопје, каде што уште од почетоците се истакна како мошне надарен, суптилен и автентичен комичар.
Низ децениите плодна кариера, Тодоровски оствари соработка со најголемите македонски режисерски имиња како Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, Владимир Милчин и Димитрие Османли. На „штиците кои живот значат“ оствари повеќе од 50 антологиски улоги. Го играше незаборавниот Цанде во „Солунски патрдии“ (1979/2013), го толкуваше Ацко во „Викенд на мртовци“ (1985), а особено беше неверојатен во претставите „Лет во место“, „Болва во уво“, „Женски оркестар“, „Тетовирани души“, како и во култните детски проекти како „Чудовиштата во нашиот град“.

Еден од главните ликови на „Македонските народни приказни“ и радиоетерот
За пошироката публика и за генерациите кои растеа пред телевизиските екрани, Гоце Тодоровски ќе остане запаметен по улогите во „Македонските народни приказни“ од 1984 па сè до 2025 година.
Покрај телевизијата, Тодоровски беше еден од носечките гласови и на радиопрограмите. Над 25 години тој беше заштитно лице на култната сатирично-хумористична емисија „Хихирику“ на Радио Скопје. Во последните децении, неговиот глас стана препознатлив и за помладата публика преку маестралните синхронизации на телевизиските серии.
Борба за здравјето и последните денови
Во последните години од животот, актерот се соочуваше со сериозни здравствени предизвици и слаб имунитет. Пред само две недели, неговата ќерка Сашенка за „Слободен печат“ откри дека за време на големите летни горештини на Тодоровски му се слошило и претрпел комплициран пад, по што беше примен во болница на Одделот за хирургија во ГОБ „8 Септември“.
И покрај сите напори на лекарските тимови и огромната волја за закрепнување, неговото срце не издржа.

Врвни признанија за деценискиот придонес
Огромната љубов кон актерството и печатот што го остави на македонската сцена, низ годините беа наградени со едни од најголемите признанија. Во 1980 година ја доби наградата за најдобра улога за ликот Цанде во „Солунски патрдии“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, во 2020 година е одликуван со признанието „Св. Јоаким Осоговски“, додека пак во 2023 година е одликуван со високиот Орден за заслуги за Македонија и многу други. Една од најзначајните награди ги доби во 2025 година, кога беше одликуван со наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ и Државната награда „23 Октомври“.
Со заминувањето на Гоце Тодоровски завршува една златна ера на македонското актерство. Но, зад него останува богат, непроценлив опус од филмови, серии, театарски претстави и радиоснимки. Неговиот лик и неговата насмевка засекогаш ќе останат дел од колективната меморија на македонскиот народ.
Вечна му слава!
Гоце Тодоровски со искрена исповед: Не можам да го прежалам заминувањето на Ванчо Петрушевски


