Фото: Скриншот/Јутјуб

Три години без Кире Костов – творецот на едни од најубавите македонски евергрини

На денешен ден во 2023 година не напушти еден од најголемите македонски композитори, аранжери и диригенти, Кире Костов. Неговата кариера траеше повеќе од пет децении, а тој остави неизбришлива трага во македонската џез и популарна музика.

Од Битола до европската сцена

Роден е во Битола на 14 септември 1949 година, каде што ги направи своите први чекори во музиката, а своето образование го продолжил на музичките академии во Белград и Скопје. Како врвен инструменталист, во 1970 година станал прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радио-телевизија Скопје, а од 1988 година застанал на чело како диригент.

Неговиот квалитет го одведе и до Биг-бендот на Европската радиодифузна унија (EBU), каде што настапуваше како единствен претставник од цела поранешна Југославија.

Фото: Скриншот/Јутјуб

Творец на незаборавни евергрини

Иако зад себе има околу 50 оркестарски и џез-композиции, пошироката јавност најдобро го познава по неговата дејност во забавната музика. Костов е автор на повеќе од 300 композиции и исто толку аранжмани. Неговото име стои зад легендарните песни што ги отпеаја најголемите домашни изведувачи, меѓу кои се: „Тајно моја“, „Летај галебе“, „Кога те нема“. „Твоите очи сине“, „Синот Божји“, „Илузија“ и многу други.

Педагог и културен работник

Покрај создавањето музика, Костов активно вложуваше и во развојот на нови таленти, а бил дел и од тимот основачи на детскиот фестивал „Си-до“ во Битола, уметнички директор на „Интерфест Битола“ и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Со своето заминување на 27 јули 2023 година, Кире Костов зад себе остави богато музичко наследство кое останува важен дел од македонската културна историја.

„Маестро, лесно ти небо“: Познатите личности се збогуваат со Кире Костов

„Мама и тато беа јадрена поврзаност“ — Ана Костадиновска со емотивна приказна за татко ѝ, легендарниот Кире Костов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот