Врбовечка пера - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Пита направена од остатоци што се јадела во Југославија, денес е заштитен специјалитет на ЕУ

Веројатно речиси секое домаќинство и денес има проверен рецепт за едноставна пита од тесто, сирење и јајца, но во околината на Врбовец ова јадење прераснало во препознатлив специјалитет познат како Врбовечка пера, која денес носи ознака за заштитен традиционален специјалитет на Европската Унија, пипува „Нова“.

Оваа пита сепак малку се разликува од класичната пита со сирење. Потекнува од долгата традиција на печење леб, кое некогаш било неделен семеен обред. Остатокот од тестото, кој не бил доволен за уште еден леб, се полнел со фил од сирење, павлака и јајца – така настанала Врбовечка пера, како јадење создадено со идејата ништо да не се фрли.

Секое семејство имало своја варијанта на рецептот, приспособена на достапните состојки и личниот вкус.

„Во секоја трошка храна го гледале плодот на својот труд, па од потреба и почит кон природата создавале јадења што станале дел од наследството, зачувувајќи ги приказните и обичаите на овој крај за идните генерации“.

Со текот на времето, Врбовечка пера прераснала во специјалитет кој повеќе не се подготвувал само од остатоци од тесто, туку и наменски за свечени пригоди и прослави. Таа станала симбол на домашната кујна и традиционалната гастрономија, а некои ја нарекуваат и „најстарата југословенска пита“.

Од 2024 година го носи статусот TSG (Traditional Speciality Guaranteed) на Европската Унија, што значи дека се заштитени традиционалниот рецепт и начинот на подготовка. Името „Врбовечка пера“ смеат да го користат само производители кои ја почитуваат пропишаната спецификација.

Според правилата, оваа пита се подготвува од квасно тесто, а филот задолжително содржи свежо кравјо сирење, павлака, јајца, сол и додаток од пченкарен гриз или пченкарно брашно.

Потребни состојки

За тестото:

– 300 г меко брашно

– 200 мл млеко

– 16 г свеж квасец

– 8 г шеќер

– 16 г свинска маст

– 8 г сол

За филот:

– 400 г свежо кравјо сирење

– 140 г кисела павлака

– 1 цело јајце

– 1 белка

– 7 г сол

– 12 г пченкарен гриз (може и пченичен)

– 16 г шеќер (доколку сакате слатка варијанта)

За премачкување:

– 50 г кисела павлака

– 1 жолчка

Подготовка

Активирање на квасецот

Во млако млеко додајте шеќер, издробен квасец и една лажица брашно. Оставете околу десет минути на топло место за да се активира квасецот.

Подготовка на тестото

Измешајте ги брашното, солта, свинската маст и активираниот квасец. Замесете мазно тесто и оставете го да нарасне додека не го удвои волуменот.

Подготовка на филот

Измешајте ги сирењето, павлаката, јајцето, белката, солта и пченкарниот гриз. Филот не треба целосно да се изедначи – пожелно е да останат помали парчиња сирење.

Премачкување

Во посебен сад изматете ги жолчката и павлаката.

Обликување

Нараснатото тесто кратко премесете го и развлечете го во круг со дебелина од околу еден сантиметар.

Префрлете го во подмачкан плех или врз хартија за печење. Рабовите малку истенчете ги со прстите, а филот рамномерно распоредете го по средината. Потоа преклопете ги рабовите врз филот за да се добие препознатливата рамка на питата.

На крај, нерамномерно премачкајте ја површината со смесата од павлака и жолчка.

Печење

Печете во претходно загреана рерна на 190–200 °C околу 35 до 45 минути, додека тестото убаво не зарумени, а филот не добие златна боја со препознатливи потемни печени дамки.

Највкусна е кога малку ќе се излади, но одлична е и целосно ладна, па затоа често се служи како предјадење или солена пита на поголеми семејни собири.

Брза пита со тиквички и сирење: Рецепт што има малку работа, а многу задоволство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот