Леброн Џејмс/EPA-EFE/RYAN SUN

Леброн Џејмс ја избра Филаделфија за последното поглавје од кариерата

Леброн Џејмс и официјално ја донесе најчеканата одлука во НБА ова лето. Четирикратниот шампион потпиша двогодишен договор со Филаделфија 76ерс, со што ќе ја започне својата рекордна 24. сезона во најсилната кошаркарска лига во светот.

Според „ESPN“, договорот е вреден осум милиони долари и содржи играчка опција за втората година, што му овозможува на Џејмс повторно да стане слободен агент следното лето доколку така одлучи.


Легендарниот кошаркар самиот ја потврди одлуката преку социјалната мрежа „X“, и откри дека сериозно размислувал да ја заврши кариерата по крајот на минатата сезона.


„Мислев дека завршив кога заврши сезоната. Не бев подготвен веднаш да го кажам тоа, но ми требаше време да донесам одлука. Си го поставив прашањето дали сè уште ја сакам кошарката. Одговорот е – да. Сè уште сакам да се жртвувам, да работам напорно, да се натпреварувам, да победувам и повторно да го почувствувам чувството на освојување шампионска титула“, напиша Џејмс.

Тој истакна дека финансискиот аспект воопшто не бил пресуден.

„Не играм за пари. Не играм поради семејството. Во оваа фаза од кариерата се прашувам за што навистина играм. Сè уште имам желба да се борам, да работам и да освојувам титули“, порача Леброн.

Џејмс верува дека може да му помогне на новиот клуб да стане шампион.

„Верувам дека можам да ѝ помогнам на Филаделфија да стане шампионски тим и едвај чекам да започнам едно ново, последно поглавје во мојата кариера.“


Со овој трансфер завршува неговата осумгодишна етапа во Лос Анџелес Лејкерс, каде што во 2020 година ја освои својата четврта шампионска титула.

Во Филаделфија, Леброн ќе формира моќен тим заедно со Џоел Ембид, Тајрис Макси и Џејлен Браун, кој пристигна ова лето во еден од најголемите трансфери во НБА. Амбициите на 76ерс се јасни – напад на првата шампионска титула од 1983 година и прво финале на Источната конференција по повеќе од две децении.

Иако потпиша за релативно скромна сума според стандардите на НБА, Леброн јасно порача дека во завршницата од кариерата единствената цел му е уште една шампионска титула.

Серхио Љул ќе игра уште една сезона за Реал Мадрид

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот