Владата позајмила седум милиони евра од Македонска навигација
Со одлука што ја изгласала на седница уште пред десет дена, на 14 јули, Владата позајмила седум милиони евра од Македонска навигација (М-НАВ), објави „СДК.мк“.
Препорачано
Тројцата директори на државната компанија за контрола на летови, Владимир Ристески (претседател нa УО на М-НАВ), Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, минатиот петок, на 17 јули, ја потпишале одлуката за одобрување на краткорочна позајмица. Таа треба да се врати до 30.11.2026 година, а парите се позајмуваат без камата.
Ова е невообичаена практика, со оглед на тоа дека парите со кои располага М-Нав се строго наменски, а за секој трошок и за секоја инвестиција мора да се извести Европската организација за безбедност на воздушната навигација – Еуроконтрол, која ѝ ги распределува средствата на македонската контрола на летање.
Директорот Ристески не одговорил на телефонскиот повик на „СДК“ за коментар околу заемот. Порталот пишува и дека само еден ден откако Владата ја донела одлуката за позајмицата, Јавното претпријатие за државни патишта испратило до М-НАВ барање за одобрување краткорочна позајмица, зашто парите всушност му требалe на ова државно претпријатие.


