Водата во Валандово повторно може да се пие, градоначалникот вели: „Многумина наседнаа на приказни“
Водата од градскиот водовод на Валандово од денеска е повторно во целосна употреба согласно документ од надлежната Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), со кој се укинува досегашната забрана, соопшти денеска градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Јавното претпријатие „Комунален сервис“ од Валандово во средата првично соопшти дека, според резултати од Институтот за јавно здравје во Скопје, во водата во Валандово има арсен над дозволените граници, па поради тоа не се препорачуца за пиење. Вчера, пак, градоначалникот Камчев, презентираше нови резултати од вонредна анализа спроведена од овој Институт, во која е наведено дека измерената концентрација на арсен е 1,47 микрограми на литар, односно влегува под границите (10 микгрограми на литар).
„Валандово како град, и населените места Чалакли, Дедели и Раброво, беа засегнати од квалитетот и безбедноста на водата за пиење во изминатиот период. Бевме сведоци на ситуација во која многумина наседнаа на одредени приказни водени паралелно со ситуацијата во Гостивар. Можам слободно да кажам и поради тоа што бев директор на јавното комунално претпријатие пред 15 и повеќе години, дека квалитетот на водата во Валандово од она што го гледам во анализите не е променет од тогаш до денес. Бунарскиот систем што го користи Валандово постои од 1989 година“, посочи Камчев.
По Гостивар, аларм и во Валандово — арсенот во водата за пиење е над дозволеното ниво
Градоначалникот тврди дека Институтот за јавно здравје од ноември досега направил две задолжителни контроли на водата, во кои, меѓу другото, се проверуваат и тешките метали, а законски се пропишани да се прават двапати во годината, согласно правилникот на АХВ.
„За да нема забуна во јавноста, редовните примероци се земаат и испитуваат еднаш или двапати во неделата во зависност од ситуацијата и немаат врска со овие периодични анализи, кои се задолжителни за комуналното претпријатие двапати годишно. На 26.1.2026 е направена првата ваква анализа, од кога сум јас градоначалник на Валандово, а на 2.7.2026 е направена втората“, рече Камчев.
Тој посочи дека поради покажаната повисока вредност на втората анализа, која изнесувала 14 микрограми на литар присуство на арсен во водата, на 20 јули побарал нова вонредна анализа, која бидејќи се однесувала само на проверка на металите, се изработила побрзо и за три дена, односно на 23 јули ги добиле резултатите за нормално присуство на арсен од 1,47 микрограм на литар.
„Не можам да дадам целосни одговори, но сметам дека во периодот кога се почнува со поголемо пумпање на водата од изворите, веројатно тогаш одредени таложени елементи, кои се сепак присутни во траги, ја даваат повисоката вредност“, рече Камчев и притоа ја повика јавноста да ги следи препораките и анализите од стручната јавност, а не, како што рече, коментарите на социјалните мрежи.
Во текот на наредниот период, најави тој, ќе се прават уште вонредни анализи на водата за да се следи нејзиниот квалитет.


