Фото/EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Дали Италија конечно го најде својот спасител? Андреа Пирло ја презема фудбалската репрезентација

Андреа Пирло ќе биде новиот селектор на Италијанската фудбалска репрезентација. Според информациите на Фабрицио Романо и италијанските медиуми, Италијанската фудбалска федерација (FIGC) постигнала договор со легендата на италијанскиот фудбал, а официјалната промоција се очекува во наредните денови.

Пирло се согласил да потпише четиригодишен договор, со кој ќе ја предводи репрезентацијата до Светското првенство во 2030 година. Во неговиот стручен штаб се очекува да биде вклучен и Роберто Баронио.

Легендарниот играч за врска ќе го наследи Џенаро Гатузо, кој поднесе оставка по неуспехот Италија да обезбеди пласман на Светското првенство. Тоа беше трет последователен Мундијал без настап на четирикратниот светски шампион, што дополнително ја продлабочи кризата во италијанскиот фудбал.


Пред конечниот избор на Пирло, челниците на Федерацијата разговарале и со Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола, но двајцата ги одбиле понудите да седнат на клупата на „Аѕурите“. Италијанската федерација била подготвена да понуди и значително повисоки финансиски услови за Гвардиола, но Шпанецот не бил заинтересиран да ја преземе функцијата.

Пирло важи за еден од најдобрите играчи за врска во историјата на фудбалот. Со Италија ја освои светската титула во 2006 година, а во текот на богатата клупска кариера настапуваше за Интер, Милан и Јувентус, освојувајќи бројни домашни и меѓународни трофеи.

Како тренер, својата кариера ја започна во 2020 година во младинскиот тим на Јувентус, но само неколку дена подоцна беше назначен за тренер на првиот тим. Во единствената сезона на клупата на „Старата дама“ ги освои Купот и Суперкупот на Италија.

Потоа работеше во турски Караѓумрук, каде остана една сезона, а во 2023 година ја презеде Сампдорија во Серија Б. Неговиот ангажман таму заврши во 2024 година по серија незадоволителни резултати. Во моментов е тренер на Дубаи Јунајтед, клуб кој се натпреварува во втората лига на Обединетите Арапски Емирати.

И покрај променливите резултати во тренерската кариера, Италијанската федерација верува дека Пирло е вистинскиот човек кој ќе го започне процесот на обновување на националниот тим и ќе ја врати Италија на врвот на светскиот фудбал по една од најтешките кризи во нејзината историја.

Ристовски разочаран од посетеноста на роденденот на Вардар: Во Македонија исчезнува навиката да се биде на трибина

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот