фото: EPA-EFE/CLAUDIO GIOVANNINI

Фенербахче го руши клупскиот рекорд за ѕвездата на Милан?

Турскиот гигант Фенербахче е пред нов спектакуларен трансфер и е подготвен да понуди дури 50 милиони евра за крилниот напаѓач на Милан, Рафаел Леао, пренесува италијанскиот весник „La Gazzetta dello Sport“.

Клубот од Истанбул му нуди на португалскиот репрезентативец петгодишен договор со нето плата од осум милиони евра по сезона. Покрај фиксната заработка, во понудата се вклучени и три бонуси: 1,5 милиони евра доколку одигра повеќе од 20 натпревари, уште 1,5 милиони евра ако постигне најмалку 15 голови и дополнителни милион евра доколку Фенербахче ја освои титулата во турската Суперлига.


Новото раководство на Фенербахче, предводено од претседателот Азиз Јилдирим, сака значително да го засили тимот за конечно да ја прекине доминацијата на Галатасарај. Фенербахче четири сезони по ред завршува како второпласиран, а последната шампионска титула ја освои во 2014 година.

Со евентуална реализација на трансферот, Леао ќе стане најскапиот играч во историјата на клубот. Само пред неколку недели Фенербахче го собори сопствениот рекорд со ангажманот на Мејсон Гринвуд од Олимпик Марсеј за 39 милиони евра. Во меѓувреме, пристигнаа и Ведат Муриќи од Мајорка за 15,5 милиони евра, како и Нејтан Аке од Манчестер Сити за осум милиони евра.

Доколку Милан одлучи да го продаде Леао, клубот ќе се обиде да го искористи добиениот буџет за ангажман на Константинос Карецас од Генк. Сепак, грчкиот репрезентативец наводно веќе е пред вратите на Борусија Дортмунд, а Милан сè уште нема испратено официјална понуда.

Леао потврди дека разговарал со Милан за својата иднина

Во меѓувреме, самиот Рафаел Леао призна дека разговарал со клупското раководство околу можноста да го напушти „Сан Сиро“ ова лето.

„Веќе разговарав со клубот за можноста да пробам ново искуство. Не знам што ќе се случи. На 29 јули треба да се приклучам на подготовките во Миланело и додека сум играч на Милан, секогаш ќе давам максимум и ќе го почитувам дресот на клубот кој ми даде сè“, изјави Леао во подкастот „Podpah“, а неговите зборови ги пренесе „La Gazzetta dello Sport“.


Португалецот истакна дека има голема благодарност кон Милан, но не ја крие желбата за нов предизвик.

„Милан многу ми помогна во различни аспекти од животот, но секој човек има свои амбиции. Ќе ги разгледам сите опции, но засега сè уште сум играч на Милан“, додаде тој.

Леао има договор со Милан до летото 2028 година. Во клубот пристигна во 2019 година од Лил и досега одигра 291 натпревар, постигна 80 голови и запиша 55 асистенции. Минатата сезона забележа 10 голови и три асистенции на 31 настап во сите натпреварувања.

Неизвесноста околу неговата иднина дополнително се зголеми по разочарувачката сезона на Милан, кој остана без место во Лигата на шампионите, а според медиумските шпекулации, покрај Фенербахче, интерес за Португалецот покажуваат и Галатасарај и Тотенхем.

Австралискиот репрезентативец Волпато падна на тест за кокаин откако двапати во иста вечер беше запрен за брзо возење

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот