„Ни понудија само нов лет“ — Србинот кој речиси излета од авионот, бара отштета од „Ранајнер“
Патникот на летот на превозникот „Рајанер“ кој речиси излета од авионот откако се скрши прозорецот на надморска височина од шест илјади метри, тврди дека компанијата му понудила само нов авионски билет како компензација. Љубиша Каровиќ, 61-годишник од Србија, ангажирал адвокат и бара сериозна компензација од ирската авиокомпанија, објави Телеграф.
Препорачано
Инцидентот се случи пред две недели на утрински лет од Грција до Германија. Каровиќ спиел кога прозорецот до неговото седиште експлодирал, а разликата во притисокот речиси го извлече од авионот. Тој вели дека две недели по инцидентот, никој од „Рајанер“ не го контактирал лично.
„Сè што добивме беа електронски пораки до мојот син, кој ги резервираше нашите авионски билети, во кои нè прашуваа дали сакаме да го презакажеме летот и како сум. Но, никој од компанијата не ме контактираше директно – дури ни телефонски повик за да покаже каква било загриженост“, изјави тој.
Каровиќ го спасила неговата сопруга и други патници, кои притрчале да го задржат во авионот држејќи го за нозете.
Неговата сопруга, 48-годишната Светлана Каровиќ, тврди дека додека се бореле да го задржат, членовите на екипажот „не направиле ништо“.
„Изгледаа поисплашени од нас. Само патниците помогнаа и покажаа храброст“, додаде таа.
При инцидентот, кој се случил на 10 јули, Каровиќ се здобил со сериозни изгореници од триење и модринки на десната рака и градниот кош.
Сведоци на летот од Солун кон Меминген во Германија изјавиле дека тој висел дијагонално надвор од авионот „како Супермен што лета низ воздухот“.
По инцидентот, кој предизвикал ненадејно губење на притисокот во кабината, пилотот на „Рајанер“ веднаш го спуштил авионот на побезбедна височина, додека екипажот и патниците ставиле кислородни маски.
Откако Каровиќ бил извлечен назад во авионот и леталото се стабилизирало, бил преместен на друго седиште. Авионот „Боинг 737“ се вратил во Солун, каде што го пречекале медицински екипи и возило на Итната помош.
Двајцата сопружници ги застапува грчкиот адвокат Василис Цијарас, кој најави дека ќе бара „значителен надомест на штета“.
„Мојот клиент се врати од работ на смртта и сакаме да обезбедиме секој што е одговорен за ова да понесе одговорност. Не станува збор само за обесштетување, туку и за утврдување на вистината за тоа што се случило и во каква состојба бил овој авион“, изјави адвокатот.


