Европа „полуде“ по мотоциклите, продажбата скокна за речиси 17 отсто, Германија и Шпанија рушат рекорди
Интересот за мотоцикли во Европа продолжува забрзано да расте. Само во првата половина од 2026 година на петте најголеми европски пазари се регистрирани 636.490 нови мотоцикли, што претставува раст од 16,8 проценти во споредба со истиот период лани.
Препорачано
Според податоците на Европската асоцијација на производители на мотоцикли (ACEM), резултатите покажуваат дека европскиот пазар не само што закрепнал од последиците на пандемијата, туку и значително ги надминал претходните рекорди. Продажбата сега е за 27 проценти повисока во однос на 2019 година, односно периодот пред ковид-кризата.
Најголем раст е забележан во Германија, каде што продажбата е зголемена за 27,6 проценти, додека Шпанија бележи раст од 23,6 проценти. Италија, која останува најголем европски пазар за мотоцикли, исто така продолжува со силен двоцифрен раст од 13,2 проценти.
Позитивниот тренд не е ограничен само на мотоциклите. Продажбата на мопеди исто така бележи пораст. На шест европски пазари во првите шест месеци од годинава се регистрирани 72.076 нови мопеди, што е 4,7 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од ACEM оценуваат дека ваквите бројки потврдуваат сè поголем интерес за возилата од L-категоријата, кои стануваат популарен избор не само за рекреација, туку и како практично решение за секојдневен превоз во градовите. Поради пониските трошоци, полесното движење низ сообраќајниот метеж и сè поголемата понуда на нови модели, мотоциклите и мопедите продолжуваат да добиваат на популарност кај европските возачи.
Од денеска со „Б“ категорија може да се вози мотор до 125 кубици


