Работниците ѝ кажаа „не“ на вештачката интелигенција, речиси две третини не сакаат ВИ да им ја менува работата
Иако компаниите ширум светот сè повеќе инвестираат во вештачка интелигенција (АИ) со цел зголемување на продуктивноста, голем дел од вработените сè уште не се подготвени да ја прифатат новата технологија како дел од секојдневната работа.
Препорачано
Според анкета цитирана од Adaptavist од британскиот весник „Фајненшл тајмс“, дури 65 проценти од вработените во менаџментот и администрацијата изјавиле дека би сакале своите работни задачи да ги извршуваат без помош од вештачка интелигенција. Истражувањето го спровела технолошката консултантска компанија Adaptavist, а резултатите покажуваат дека недовербата кон АИ не е поврзана само со стравот од губење на работните места, туку и со загриженоста за квалитетот на резултатите што ги создаваат овие алатки.
Околу половина од испитаниците рекле дека проверувањето на информациите добиени од вештачка интелигенција дополнително им ја отежнува работата, наместо да им заштеди време. Една третина од анкетираните сметаат дека ВИ ја ограничува нивната креативност, додека сличен процент се загрижени дека технологијата може да биде злоупотребена или да создаде неточни резултати.
Експертите предупредуваат дека најголем проблем не е самото користење на вештачката интелигенција, туку користењето без критичка проверка. Вработените кои слепо ги прифаќаат одговорите на АИ можат да направат сериозни грешки, а последиците можат да бидат професионални, па дури и правни.
Такви случаи веќе се забележани во правниот сектор, каде адвокати користеле измислени или неточни информации создадени од ВИ во судски документи и аргументации. Недовербата кон новата технологија се шири и во креативните индустрии. Истражувања покажуваат дека текстовите создадени со помош на вештачка интелигенција често имаат слични структури и идеи, што може да доведе до помалку оригинални содржини.
Дополнителен проблем за вработените е што компаниите често ги менуваат правилата за употреба на ВИ. Додека првично ги охрабруваа работниците да експериментираат и да ги автоматизираат задачите, дел од компаниите сега воведуваат ограничувања поради трошоците за користење на овие технологии. Слични дилеми постојат и во ИТ секторот. Дел од програмерите велат дека компаниите ги притискаат да користат ВИ алатки за побрзо завршување на задачите, но стравуваат дека брзината може да биде на сметка на квалитетот.
-Проблемот е што се прилагодува работата кон алатката, наместо алатката кон потребите на работата- предупредуваат дел од инженерите.
И додека компаниите ја гледаат вештачката интелигенција како начин за намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста, многу вработени бараат поголема слобода во изборот на алатките што ги користат. За нив, прашањето не е дали ВИ ќе стане дел од работното место, туку дали луѓето ќе имаат право сами да одлучат кога и како ќе ја користат.


