Мицкоски, Николоски и Трајановски на увид на изградба на автопатот Кичево-Охрид/Фото: Фејсбук

За вечниот автопат Кичево-Охрид на помош ќе стигнат пари од коцкање, прелети и од струја

ЈП за државни патишта ќе позајмува од други државни фирми. Владата, како основач на некое јавно претпријатие, има право да бара префрлања на пари, објаснува универзитетскиот прфесор Борче Давитковски. Но, тој посочува дека кога некое јавно претпријатие е во минус, никој не е повикан на одговорност. ЈП за државни патишта е во добивка

Јавното претпријатие за државни патишта ќе добие позајмица од Македонската навигација (М-НАВ), Државната лотарија и од Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) за враќање на кредитот кон кинеската Ексим банка за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Оваа информација што ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски веќе предизвика многу реакции во јавноста – од коментари дека со парите од навлечениот народ на коцка ќе се доградува вечниот автопат, до критики за нетранспарентност.

Во јавноста прво осамна информацијата што ја пренесе „Фокус“ дека неофицијално дознава оти Управниот одбор на М-НАВ, на седница на 17 јули, донел одлука да му позајми 7 милиони евра на ЈПДП.

МЕПСО: Имаме позитивни резултати, позајмицата не ни е оптоварување

Од МЕПСО за „Слободен печат“ велат дека во согласност со одлуките донесени од Владата и во рамките на важечките законски прописи, акционерското друштво одобрило краткорочна позајмица во износ од 369.358.746 денари ( 6 милиони евра) на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Станува збор за привремено премостување краткорочна ликвидносна потреба на Јавното претпријатие за државни патишта. Како што веќе беше соопшти и Владата, средствата ќе бидат вратени во текот на август, според преземените обврски и договорената динамика. Важно е да се нагласи дека не станува збор за финансиска помош, субвенција или отпис на обврски, туку за краткорочна позајмица – велат од МЕПСО.

Оттаму посочија дека АД МЕПСО остварува позитивни финансиски резултати, располага со стабилна ликвидност и одговорно управува со расположливите средства.

– Одобрената позајмица не претставува финансиско оптоварување за МЕПСО и нема негативно влијание врз тековните обврски, инвестициските активности или долгорочната финансиска стабилност на компанијата. Одлуката за одобрување на позајмицата е донесена врз основа на реална процена на финансиската состојба и расположливата ликвидност, при што е утврдено дека таа не претставува оптоварување за компанијата – велат од МЕПСО.

МЕПСО нагласува и дека позајмицата на ниеден начин не ја доведува во прашање ликвидноста на МЕПСО, реализацијата на планираните инвестиции, исполнувањето на тековните финансиски обврски, ниту сигурноста и стабилноста на електропреносниот систем.

ОД М-НАВ, барем засега, не добивме одговор дали парите што ќе ги позајмуваат се дел од приходите собрани преку Евроконтрол, кои мора строго наменски да се користат, или станува збор за други слободни средства.

Државната лотарија често се користела за позајмување пари. Дури и на нејзината службена страница пишува дека остварените добивки ќе ги користи за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Добивката на Лотарија во 2025 година била 5,9 милиони евра.

Колку пари вкупно ќе позајми од јавните претпријатија, од ЈПДП засега не добивме одговор.

 Давитковски: Не е проблем во позајмувањето, туку во враќањето

 

Универзитетскиот професор Борче Давитковски во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека Владата, како основач на некое јавно претпријатие има право да бара префрлања пари.

– Од правен аспект позајмувањето е во ред. Владата е основач, има донесено одлука на Владата, процедурата е запазена – појаснува професорот.

Но, тој нагласува дека кај нас веќе е практика голем дел од јавните претпријатија да покажуваат големи загуби и за нив да се позајмуваат пари. Исто така, како што вели професорот, се добива впечаток дека позајмените пари не се ни враќаат.

– Сега слушаме дека пари ќе се позајмуваат за Јавното претпријатие за државни патишта. Пред извесен период немаше пари за вработените во Пошта, се позајми за нив, а таму тоа е буре без дно. Мора да се постават некои правила на игра. На раководните функции во јавните претпријатија треба да видиме луѓе што си ја знаат работата, избрани на конкурс, а не од партиските редови – вели Давитковски.

Тој укажува и на тоа дека не сме виделе некој директор да биде повикан на одговорност затоа што јавното претпријатие со кое работи било во загуба.

– Ако има менаџерски договор, при загуба лицето ќе биде повикано на одговорност или барем ќе биде разрешено – нагласува професорот.

Што се однесува до Јавното претпријатие за државни патишта, тоа е во добивка. Според последните расположливи податоци на нивната службена страница, а кои се однесуваат на првото полугодие од 2025 година, јавното претпријатие било во добивка од 96 милиони евра! Притоа, во периодот од јануари до јуни минатата година, претпријатието остварило приход од 143,4 милиони евра. ЈПДП остварува приходи од патарини, од патна такса што се плаќа при регистрација на возила, а и од акцизата за нафтените деривати, дел оди во нејзината каса.

Но, финансирањето на автопатот од Кичево до Охрид значи сервисирање долг кон кредиторот од околу 800 милиони евра, кој е гарантиран од државата и влегува во јавниот долг. Така, добивката е едно, а обврските се друго.

Инаку, во април годинава премиерот Христијан Мицкоски извести дека автопатот Кичево – Охрид веќе нема да го финансира кинеската Ексим банка, туку дека ќе го доизградиме со кредити од домашни банки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот