Горива бензин дизел
Илустрација: Точење гориво на бензинска станица / Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Од полноќ поскапуваат сите горива, дизелот ќе чини 98,50 денари за литар

Граѓаните од полноќ ќе плаќаат поскапи горива. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти, а новите цени ќе стапат во сила од ноќеска на полноќ. Според одлуката на РКЕ, бензините поскапуваат за три денари по литар. Така, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 93 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 95 денари за литар.

Уште поголемо зголемување има кај дизелот, чија цена се зголемува за 4,5 денари. Од полноќ, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се продава по 98,50 денари за литар, што го доближува до психолошката граница од 100 денари. Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена се зголемува за пет денари, па литар ќе се продава по максимални 98 денари. Регулаторната комисија ја коригираше и цената на мазутот М-1 НС, која се зголемува за 2,726 денари за килограм. Новата максимална цена ќе изнесува 48,099 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека главната причина за новото поскапување е растот на референтните цени на светските пазари на нафта и нафтени деривати. Во споредба со претходниот пресметковен период, цените на бензините се зголемени за 6,2 проценти, дизелот бележи раст од 7,4 проценти, екстра лесното масло за домаќинство е повисоко за 8,0 процент, а мазутот за 8,1 проценти.

Дополнително, во пресметковниот период е регистрирана и минимална промена на девизниот курс, при што денарот во однос на американскиот долар ослабнал за 0,0397 проценти. Иако станува збор за мало поместување, и овој фактор е вклучен во конечната пресметка на новите малопродажни цени. Од Комисијата нагласуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени. Тоа значи дека бензинските станици и трговците со нафтени деривати имаат можност да ги продаваат горивата и по пониски цени, во зависност од нивната деловна политика и условите на пазарот.

Новото зголемување на цените доаѓа во период кога светските пазари се соочуваат со нови ценовни притисоци, а аналитичарите предупредуваат дека движењата на цената на суровата нафта и геополитичките случувања ќе продолжат да влијаат врз цените на горивата и во наредниот период. За граѓаните и компаниите тоа значи повисоки трошоци за транспорт, логистика и секојдневно функционирање, особено ако трендот на раст на цените продолжи и во следните пресметковни периоди.

Набавната цена на бензинот е 48, а се продава по 92 денари и покрај намалувањето на акцизите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот