Џани Инфантино / Фото: EPA/BOB FRID

Инфантино возврати на критиките за Светското првенство: „Имавме стопроцентна безбедност, само радост и среќа“

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, одговори на бранот критики што го следеа Светското првенство преку објава на Инстаграм во која турнирот го опиша како глобална прослава на фудбалот, семејството и единството.

Една недела по финалето во Њујорк, тој оцени дека дел од критичарите биле толку фокусирани на негативните приказни што не успеале да ги доживеаат емоциите и атмосферата на најголемото фудбалско натпреварување.

Инфантино ги обвини корисниците на социјалните мрежи дека ширеле омраза и лажни гласини, додека ФИФА работела на организација на историскиот Мундијал во САД, Канада и во Мексико.

„На сите зад своите пенкала, компјутери и екрани кои шират омраза и лажни гласини, сакам да им порачам дека додека тие пишуваат, ние од ФИФА бевме во ‘првите редови‘, работевме напорно и го организиравме најголемото спортско шоу во светот. Додека се криевте, ние ги истражувавме улиците на Канада, Мексико и САД, зборувавме со навивачите и се погриживме сите да се безбедни“, напиша Инфантино.


Тој додаде дека турнирот поминал без насилство и без безбедносни инциденти.

„Имавме стопроцентна безбедност. Само радост и среќа. Додека милиони луѓе славеа, некои беа зафатени со сеење омраза.“, додаде Инфантино.

Рекордната посетеност како главен аргумент на ФИФА

ФИФА својата оценка за успешноста на Светското првенство ја темели пред сè на бројките. Според официјалните податоци, вкупно 6.810.966 гледачи присуствувале на 104 натпревари во 16 градови, што претставува рекорд во историјата на Светските првенства.

Инфантино бројката ја заокружи на речиси седум милиони посетители од повеќе од 200 земји, нагласувајќи дека стадионите биле исполнети, атмосферата позитивна, а безбедноста на највисоко ниво.

Тој смета дека токму овие бројки покажуваат дека првото Светско првенство со 48 репрезентации било успешен проект кој им дал поголема видливост и на помалите фудбалски нации. Како пример ја посочи и репрезентацијата на Хаити.

„Немаше насилство“ – но критичарите не се согласуваат

Инфантино тврдеше дека за време на целиот турнир немало насилство, непријателски инциденти или сериозни безбедносни проблеми. Сепак, критичарите предупредуваат дека ваквата оценка претставува официјален став на организаторот, а не независна анализа на сите случувања во 16-те градови домаќини.

Иако организацијата на турнирот во три држави без прекини претставува голем логистички успех, многумина сметаат дека тоа не ги поништува легитимните прашања околу пристапноста, визите и независноста на институциите.

Визните проблеми останаа една од најконтроверзните теми

Еден од најпознатите случаи беше оној на сомалискиот судија Омар Абдулкадир Артан, кому американските власти му одбија виза по дополнителна безбедносна проверка, иако ФИФА веќе го назначила за Светското првенство.

Артан требаше да стане првиот сомалиски судија на машки Мундијал, но не доби дозвола за влез во САД. ФИФА тогаш соопшти дека нема надлежност врз имиграциските политики на државите домаќини.

Во својата порака Инфантино одговори дека критичарите преголемо внимание посветиле на неколку одбиени барања, игнорирајќи ги милионите успешно одобрени влезови.

Иран се соочи со доцнење при издавањето визи, а на „клучни“ членови од стручниот штаб им беше забранет влез во САД. Воедно, на дел од иранските навивачи им беше поништена распределбата на билети, додека репрезентацијата беше принудена да ја пресели својата тренинг-база од Тусон, Аризона, во Тихуана, Мексико, поради бројни логистички проблеми во пресрет на турнирот.

Подоцна, тимот се соочи и со ограничувања во движењето за време на патувањата меѓу тренинг-базата и натпреварите од групната фаза во Лос Анџелес и Сиетл.

И покрај тоа, Инфантино, во своето соопштение наведе дека иранската репрезентација присуствуваше во САД, без инциденти, оценувајќи дека фудбалот успеал да ги надмине политичките тензии меѓу двете држави.

Интервенцијата на Трамп

Најголемата бура се крена по исклучувањето на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун против Босна и Херцеговина. Трамп јавно призна дека телефонски разговарал со Инфантино и побарал случајот повторно да биде разгледан, по што суспензијата беше укината и Балогун настапи против Белгија.

ФИФА инсистираше дека одлуката ја донело независното дисциплинско тело, но случајот предизвика жестоки реакции од УЕФА, Белгија, Норвешка и бројни поранешни фудбалери, кои побараа истрага за можен политички притисок.

Во својата порака Инфантино не го споменува директно Балогун, но јасно алудира на случајот, наведувајќи дека спорните судиски и дисциплински одлуки се составен дел од фудбалот и дека слични ситуации редовно се случуваат и во најсилните национални лиги.

Светското првенство донесе рекордна посетеност, спектакуларни натпревари и историски моменти, но истовремено покажа колку современите спортски меганастани се поврзани со политиката, миграциските политики, комерцијалните интереси и односите меѓу најмоќните луѓе во спортот и државната власт.

Пораката на Инфантино претставува обид сите тие прашања да се стават во сенка на идејата дека фудбалот ги обединува луѓето. За неговите поддржувачи тоа е уверлива одбрана на успешно организирано Светско првенство, додека, пак, за критичарите претставува пропуштена можност ФИФА конкретно да одговори на прашањата за транспарентноста, политичката неутралност и за пристапноста на идните светски шампионати.

Италија повторно без селектор? Договор со руска обложувалница му направи проблем на Пирло

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот