Паричник во вашиот телефон, дигиталното евро пристигнува до 2029 година, Европа сака независност од Виза и Мастеркард
Европа се подготвува за голема промена во начинот на плаќање. До 2029 година се очекува да започне целосното воведување на дигиталното евро, нова форма на европската валута која ќе функционира преку дигитален паричник во мобилниот телефон. Целта на проектот е да се создаде европски платен систем кој ќе биде помалку зависен од американските финансиски компании како Виза и Мастеркард, кои денес имаат големо влијание врз безготовинските плаќања во Европа.
Препорачано
Дигиталното евро треба да функционира слично како готовината – брзо, безбедно и достапно за сите граѓани. Разликата е што наместо банкноти и монети, корисниците ќе располагаат со дигитален паричник на својот телефон. Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл е еден од политичарите кои силно го поддржуваат проектот, оценувајќи дека Европа мора да ја зајакне сопствената финансиска независност- децидна е Европската централна банка.
-Потребен ни е поголем европски суверенитет- е ставот што го застапуваат европските политичари кои сметаат дека континентот не треба целосно да зависи од странски платни системи.
Иако Европската централна банка (ЕЦБ) работи на воведување на дигиталното евро, дел од граѓаните сè уште имаат недоверба кон идејата, особено во земјите каде што готовината сè уште е многу популарна, како Германија, Австрија и Италија. Критичарите стравуваат дека дигиталната валута може да значи помала приватност и поголема контрола врз плаќањата. Од друга страна, европските институции уверуваат дека дигиталното евро нема да ја замени готовината, туку ќе биде дополнителна можност за плаќање. Планирано е со новите правила трговците и понатаму да мора да прифаќаат готовина, со што би се зачувала можноста граѓаните сами да изберат како ќе плаќаат.
Една од најважните точки во развојот на дигиталното евро е таканаречениот „wallet“ – дигитален паричник. Наместо Европската централна банка директно да создаде сопствена апликација, се разгледува можност дигиталниот паричник да биде вграден во постојните мобилни апликации на банките. Тоа би значело дека корисниците ќе можат лесно да префрлаат средства од својата банкарска сметка во дигиталниот паричник, слично како дополнување пари на картичка или банкарска апликација.
Банките, сепак, бараат ограничувања за количината пари што граѓаните ќе можат да ја чуваат во дигитални паричници. Причината е стравот дека големи суми би можеле да се повлечат од класичните банкарски сметки, што би влијаело врз кредитирањето и инвестициите. Европската централна банка веќе започна подготовки за пилот-фаза на дигиталното евро. За тестирање се избрани 36 даватели на платежни услуги, меѓу кои и големи европски банки.
Планот е постепено воведување – прво тестирање, а потоа поширока употреба. Дел од банкарскиот сектор бара воведувањето да биде внимателно и постепено поради безбедносните ризици и техничките предизвици.
Главниот политички аргумент за дигиталното евро е создавање европска алтернатива на постојните глобални платни системи. Денес голем дел од електронските трансакции во Европа зависат од компании со седиште надвор од континентот. Со дигиталното евро, Европската унија сака да обезбеди сопствена инфраструктура за плаќања која ќе биде под европска контрола. Иако до целосното воведување има уште неколку години, јасно е дека начинот на кој луѓето плаќаат се менува. Во иднина, наместо паричник со банкноти и монети, главниот „новчаник“ може да биде токму мобилниот телефон.


