Малта им нуди 25.000 евра на младите што ќе се откажат од возење пет години
Малта започна необична сообраќајна реформа со која сака да го намали бројот на автомобили на улиците. Владата воведе програма преку која младите возачи можат да добијат до 25.000 евра доколку се откажат од управување со моторно возило во период од пет години.
Препорачано
Иницијативата, наречена „Шема за откажување од возачка дозвола“, е дел од поширок план за промена на транспортните навики во земјата. Според властите, целта не е да им се забрани возењето на граѓаните, туку доброволно да се охрабрат да користат алтернативни начини на транспорт.
Учесниците добиваат по 5.000 евра годишно, односно вкупно 25.000 евра за пет години, но мора да исполнат строги услови. Право на учество имаат лица до 30 години, кои живеат на Малта најмалку седум години и имаат најмалку една година искуство со возачка дозвола од категорија Б. Од програмата се исклучени лицата со суспендирана или поништена дозвола, оние со дозволи надвор од Европската Унија, како и возачите на кои автомобилот им е неопходен за работа. Мерката се однесува само на сопственици на патнички автомобили, додека мотоцикли и други видови возила не се опфатени.
Најстрогиот дел од договорот е обврската учесниците да не управуваат со никакво моторно возило во следните пет години — не само на Малта, туку каде било во светот. Доколку некој од нив биде фатен како вози, следуваат сериозни последици: автоматска казна од 5.000 евра, враќање на добиените средства и можни дополнителни правни мерки.
Министерот за транспорт Крис Бонет изјави дека реформата е обид да се промени долгогодишната зависност од автомобили. Малта има една од највисоките стапки на поседување возила во светот, со околу 0,8 возила по жител, што придонесува за големи сообраќајни гужви. По истекот на петгодишниот период, учесниците ќе мора повторно да аплицираат за возачка дозвола и да завршат 15-часовен курс за возење.
Мерката предизвика поделени реакции — едни ја гледаат како храбар чекор кон почист и поодржлив транспорт, додека други сметаат дека проблемот со сообраќајот бара многу подлабоки решенија.
ФОТО | Најдобри нудистички плажи во Грција за несекојдневно летно бегство


