Протекоа лични податоци за Анџелина Џоли, Роберт Де Ниро и други ѕвезди во досега најголемиот безбедносен скандал во Холивуд
Холивудските ѕвезди Анџелина Џоли и Роберт Де Ниро се меѓу познатите личности чии лични податоци наводно биле достапни на интернет поради голем безбедносен пропуст, пишува „Лед бајбл“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Експертот за сајбер безбедност Џеремаја Фаулер тврди дека открил огромна база со податоци поврзани со Филмскиот фестивал Трибека, во која се наоѓале контакт информации за голем број познати личности. Тој за британскиот весник „Сан“ изјавил дека станува збор за „далеку најголемата колекција податоци за познати личности“ што некогаш ја видел.
Фаулер открил 666.369 датотеки поврзани со фестивалот Трибека, чиј основач е Роберт Де Ниро и кој е основан во 2002 година. Според него, меѓу достапните информации ги видел и податоците за Де Ниро и Анџелина Џоли.
Меѓу другите познати имиња кои наводно биле опфатени се режисерите Мартин Скорсезе, Дени Бојл и Џорџ Лукас, како и актерите Рами Малек, Шерон Стоун, Нил Патрик Харис и Мајкл Даглас.
Експертот предупреди дека ваквите информации можеле да бидат искористени од измамници и хакери за лажно претставување, испраќање злонамерни пораки или други форми на злоупотреба.
„Во записите имаше многу познати имиња кои можеле да бидат цел на злонамерни напади. Имаше имиња, телефонски броеви и електронски адреси“, изјавил Фаулер.
Тој смета дека причината за безбедносниот пропуст најверојатно била човечка грешка. Откако го открил проблемот, веднаш го известил фестивалот Трибека, по што податоците биле отстранети од јавен пристап.
Сè уште не е познато колку долго информациите биле достапни на интернет.
Фаулер навел дека од правен претставник на компанијата Трибека Ентерпрајзис добил известување дека случајот активно се истражува.
Сепак, извор за „Сан“ посочил дека најголем дел од објавените контакт информации се однесувале на агенти и менаџери на познатите личности, а не директно на нивните приватни податоци. Фаулер, пак, смета дека дел од информациите можеле да бидат лични, бидејќи се користеле адреси од популарни електронски сервиси, а не само деловни контакти.
Тој предупреди дека со вакви податоци криминалците би можеле да се обидат да се претставуваат како познати личности и да контактираат со нивни блиски лица. Сепак, засега нема докази дека таква злоупотреба навистина се случила.
Експертот додаде дека не забележал знаци на изнуда или други последици кои најчесто се појавуваат кога чувствителни информации подолго време се достапни за јавноста.


