Клучката кај Момин Поток ќе биде готова до Нова година, тврди Ѓорѓиевски
Велосипедистите од „На точак“ реагираа по информацијата на градоначалникот. Тие се надеваат дека при изведбата на булеварот не се експроприрало земјиште само за автомобилскиот сообраќај, а за велосипедскиот и пешачкиот да се штеди и патеките да завршуваат нелогично или да бидат супстандардни.
Изградбата на клучката кај Момин Поток е 75 отсто реализирана, информира деновиве градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Притоа тој истакна дека експропријацијата е целосно завршена, а сите граѓани чии имоти биле опфатени со постапката се целосно обесштетени и исплатени од Град Скопје.
Препорачано
Тој потсети дека пред седум месеци, кога го започна градоначалничкиот мандат, овој проект бил во целосна стагнација, дека експропријацијата била реализирана само 10 проценти, а градежните работи речиси немале никаков напредок.
Како што ветив, клучката Момин Поток ќе биде целосно завршена до Нова година! Станува збор за исклучително комплексен проект, кој значително ќе го намали сообраќајниот метеж и ќе обезбеди побрзо, побезбедно и пофункционално движење низ овој дел од Скопје. Проектот опфаќа велосипедски и пешачки патеки, околу два километра изградени потпорни ѕидови и пет моста, од кои најголемиот дел веќе се во завршна фаза. Во тек е и уривањето на стариот мост над реката Серава, на чие место градиме нов, поширок и побезбеден мост – истакна Ѓорѓиевски.
На неговата објава реагираа велосипедистите од „На точак“, кои се надеваат дека при изведбата на булеварот не се експроприрало земјиште само за автомобилскиот сообраќај, а за велосипедскиот и пешачкиот да се штеди и патеките да завршуваат нелогично или да бидат супстандардни, како што обично се случувало во
минатото.
А и како што е на останатиот дел од булеварот „Никола Карев“, чие проширување беше предуслов за изведба на оваа клучка со велосипедски тунели. Потегот од клучката до „Пластичарска“ е со широки коловозни ленти и мешана пешачко-велосипедска патека со бандери сред неа (супстандардна за пешачки и за велосипедски сообраќај). Се надеваме дека во изведбата на клучката и на делот од булеварот „Качанички пат“ примената на стандардите за ранливите учесници во сообраќајот е на повисоко ниво – велат од „На точак“.

Оттаму додаваат дека би било добро доколку во должина на патеките има и зеленило, кое ќе биде и безбедносна заштита и ќе овозможува поволна микроклима за оние што се движат на велосипед. Според нив, патеки без зеленило во денешните климатски услови се половично решение.
„На точак“ исто така сметаат дека станува збор за многу значајна сообраќајна врска и за фирмите во Качанички пат.
Оваа врска е важна за многу бизниси на Качанички пат и ќе им овозможи на многу сограѓани безбедно да одат на работа со велосипед или е-тротинет. Дополнително, таа има потенцијал да стане првата меѓудржавна велосипедска конекција (Македонија – Косово) и секако е важен дел за сите жители што транзитираат низ Скопје Север – Карпош – посочуваат велосипедистите.
Завршена експропријацијата кај Момин Поток, со мостот „за ловење риби“ оди потешко
Инаку, кога првично беше претставен проектот, беше посочено дека за непречено одвивање на пешачкиот и на велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски натпатник над булеварот „Никола Карев“ и три подземни пешачко-велосипедски премини на спојувањето на булевар „Осми септември“ со булевар „Никола Карев“. Дали тоа ќе се изведе или е направена некаква промена на проектот, ќе се види по завршувањето на изградбата.
Клучката кај Момин Поток започна да се гради пред точно пет години, во јули 2021 година, кога тогашниот градоначалник Петре Шилегов го претстави проектот како еден од најголемите инфраструктурни проекти за Скопје.
Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од околу 18 милиони евра, чија изведба ќе трае од 2 до 2,5 години. По својата комплексност станува збор за најсложениот сообраќаен проект што Град Скопје го има изведувано од 1965 до денес, каде што сличен, но поедноставен проект за изведба беше тој на клучката кај хотелот „Континентал“, изградена пред 15-ина години – посочи тогаш Шилегов.
За да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидуваше изградба на 2 кружни тека. Едниот што се наоѓа на крстосницата на булеварот „Осми септември“ и улицата „Скупи“ веќе е изграден, а вториот, кој треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, е во фаза на изградба.
Пролетва, поточно во март, започна монтажата на челичната конструкција на новиот мост кај клучката на Момин Поток.
Новиот мост, со должина од 43,5 метри, ќе го премости булеварот „Никола Карев“ и ќе ја поврзе кружната крстосница со турбо кружниот тек. Оваа конструкција претставува клучна алка во целото сообраќајно решение и важен чекор кон модернизација на овој дел од градот. Со завршувањето на овој сообраќаен јазол, илјадници граѓани секојдневно ќе почувствуваат вистинско олеснување – побрз проток на сообраќај, помал метеж и современ влез и излез од Скопје – информира Ѓорѓиевски.

Освен градежните активности на клучката кај Момин Поток, градоначалникот деновиве информира и до каде е реализацијата на другите проекти што во моментов се изведуваат во градот.
Тој соопшти дека напредува изградбата на „Љубљанска“, чиј рок за завршување е исто така до Нова година и ќе го поврзе Карпош со Бардовци и Злокуќани.
На булеварот „Борис Трајковски“ целосно ги решивме имотно-правните односи и веќе интензивно се работи на трасата. По истекот на законскиот рок за напуштање на преостанатите објекти, ќе започнеме и со работите кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што конечно ќе биде надминат уште еден долгогодишен проблем и пуштен во употреба. Исто така, со ова ќе ги поврземе Аеродром и Гази Баба – рече Ѓорѓиевски.


