Фото: принтскрин - видео/Левица

Фирма поврзана со првиот регулатор, од река направила камењарник – обвинувања на сметка на Ацо Ристов

Фирма поврзана со првиот регулатор Ацо Ристов ја претворила Кадина Река во камењарник, обвини Левица, а Ристов не коментира политички одлуки. Партијата предупредува дека некогаш бистрата планинска река, десна притока на Вардар, денес е целосно уништена и е претворена во каменеста пустина од изградбата на мала хидроцентрала што ја поврзуваат токму со Ристов.

Според податоците што ги објави партијата, Регулаторната комисија за енергетика на 20 јануари годинава издала лиценца за пробна работа, носител на лиценцата е „Еко Тера“ ДОО Скопје, но вистински сопственици се три фирми.

– „Алфа инженеринг“, која е основана од Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, а кој сопствеништвото формално му го предаде на друго лице пред да стапи на високи политички функции, „Пескара Вел“ од Велес, фирма што во 2024 година склучи договор со ЕСМ вреден 562.462 евра, и „Минт инженеринг“ од Батинци – компанија што се занимава со нискоградба и водовод. Една фирма, три раце, еден интерес. Ацо Ристов, кој како претседател на РКЕ одлучува за енергетските политики на државата, истовремено гради хидроцентрала што ќе му носи милионски профити. Иако формално откажан од милионските бизниси во енергетиката, изборот на Ацо Ристов за претседател на РКЕ, покажа дека Мицкоски ја зацврсти својата бизнис-мрежа во овој високопрофитабилен сектор – обвинуваат од партијата.

Партијата обвинува дека реката е уништена од малата хидроцентрала „Кадина Река“, за која Регулаторната комисија за енергетика на 20 јануари годинава издала лиценца за пробна работа.

Инспектор да провери дали сточарска фирма испушта фекалии во Брегалница, бара Левица

– Оваа лиценца ѝ овозможува на централата со инсталирана моќност од 5.400 kW да произведува 7.400 MWh струја годишно. И додека граѓаните се борат со високите сметки за струја и уништената животна средина, привилегираните поединци си градат хидроцентрали и продаваат струја по повластени цени – тврдат од партијата.

Тие бараат итна ревизија на постапката за издавање на лиценцата за МХЕЦ „Кадина Река“, целосна проверка на сопственичката структура на „Еко Тера“ и сите поврзани лица, јавно објавување на сите договори и финансиски текови поврзани со овој проект и санкции за сите одговорни.

„Слободен печат“ испрати прашања до Ристов, но од Регулаторната комисија кратко ни одговорија дека не коментираат политички партии. Ристо во април беше избран за прв човек на Регулаторната комисија за енергетика. Тој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Ристов дојде на местото на Бислимоски, откако тој поднесе оставка од функцијата, односно се повлече откако Финансиската полиција му поднесе кривична пријава.

Тој по потекло е од Радовиш, а во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година ја извршувал и функцијата градоначалник на Радовиш. Според медиумските архиви, Ристов влегол во бизнисот со мали хидроцентрали уште во 2021 година додека бил градоначалник, откако владата донела одлука за концесија за 32 мали хидроцентрали на друштвото за електрична енергија „Еко Тера“ Скопје.

Концесијата првично ја имала „Италиан Мацедониан повер генератион“ ДОО Скопје по оглас издаден од Владата во 2016 година, а сега ја добиваат трите фирми „Минт инженеринг“, „Алфа инженеринг“ и „Пескара Вел“ здружени како „Еко Тера“.

„Еко Тера“ е основана на крајот на ноември, а градоначалникот на Радовиш, кој во меѓувреме славеше победа на локалните избори, во меѓувреме бил избришан како управител на групацијата.

 

Опозицијата го критикуваше изборот на Ристов и го обвинуваше за бизнис-врски со Мицкоски.

– И најважното, бизнисмен во енергетиката, со хидроцентрали, исто како Мицкоски. Како сопственик на бизнис што произведува струја и добива тарифи од државата, Ристов сега треба да носи одлуки во РКЕ што ги диктираат токму тие цени и правила на пазарот. Не е ова само конфликт на интереси, ова е бизнис-операција што однапред била осмислена да се вклопи во бизнис-мрежата на Мицкоски. Ристов во изминатиот период се „ослободува“ од сопственоста во компаниите поврзани со изградба на мали хидроцентрали. Компанијата што носи стотици илјади евра годишна добивка, одеднаш менува сопственик. И ја презема сметководителка од Радовиш, тотално непозната за секторот. Дали е ова случајно? Или е класичен пример на „чистење“ пред преземање на функцијата во РКЕ? – реагираше опозициската СДСМ.

Неговата сопруга Данка Ристова беше избрана за член на Судскиот совет додека тој беше градоначалник на Радовиш. Тогаш од СДСМ рекоа дека станува збор за скандал и за партизација на Судскиот совет од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

– Наместо реформи гледаме брутална партизација на судството, би рекле дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано, се прави и сега. Чист обид за поставување контролирано, партиско судство, кое нема да им служи на граѓаните, туку на нивните интереси – критикуваше СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот